Грчки авиопревозник сепак нема да лета од Скопје до Крф

Aegean Airlines ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија меѓу Скопје и Крф, која требаше да започне на почетокот на јуни со линијата Атина – Скопје – Крф – Скопје – Атина, пишува порталот exyuaviation.com.

– Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и сабота, а летот Скопје – Атина да се одвива во среда и недела наутро. Според ревидираниот распоред, Aegean Airlines се чини дека целосно ги откажа двата неделни лета и тие денови нема да сообраќа меѓу Атина и Скопје, намалувајќи ги вкупниот авиосообраќај меѓу двата главни града од секојдневни летови на пет лета во неделата почнувајќи од 4 јуни. Дополнителни промени остануваат можни – пишува во објавата.

Во март беше објавено дека Aegean Airlines летово ќе започне со нова сезонска услуга од Скопје, трета што ќе ја одржува грчкиот авиопревозник од македонскиот главен град, со два неделни редовни лета меѓу Скопје и Крф од 1 јуни, со авион ATR72-600, управуван од регионалниот бренд на Aegean, Olympic Air.

Летовите на новата линија беа закажани до 28 септември. Летот до Крф беше најавен како дополнение на постоечките дневни летови на Aegean од Атина до Скопје, како и трите неделни ротации од македонскиот главен град до Сараево.

На веб сајтот на „Aegean airlines“ првично беше објавено дека можат да се купат карти за овој лет, со почетна цена од околу 130 евра за еден правец.

Минатата година Aegean Airlines аплицираше за програмата за субвенционирање од македонската влада за воведување нови линии од Скопје, но се повлече откако јавниот повик беше поништен.