Со 159 гласа „за“, од кои 158 од владејачката Нова демократија и еден од независен пратеник, грчкиот Парламент кусо по полноќ го изгласа законот за „Зајакнување на државниот универзитет – рамка за работа на непрофитни оддели на странски универзитети“, закон што предизвика низа реакции во Грција, но и инциденти на вчерашниот масовен студентски протест.
По маратонската тридневна расправа што траеше речиси 47 часа, доцна синоќа гласаа вкупно 299 од 300 пратеници во Парламентот, против беа 128, сите од опозициските партии, а 11 беа воздржани.
На гласањето му претходеше дискусија во Парламентот, со говори на лидерите на партиите, но и масовен протест вон Парламентот, организиран од студентски здруженија од цела Грција, кои уште еднаш порачаа дека високото образование мора да остане државно и бесплатно.
На протестот на кој, според полицијата, присуствуваа околу 17.
500 лица се случија сериозни инциденти меѓу студентите и полицијата, во кои повредени беа девет лица, од кои еден новинар и седум полицајци.
Инцидентите започнаа кога дел од студентите се обидоа да се доближат до Споменикот на Незнајниот јунак пред Парламентот, по што полицијата интервенираше со солзавец и шок бомби.
Следеа десетици молотови коктели, камења и разни предмети од демонстрантите кон полицијата, кои интервенираа со солзавец и шок бомби, но и со пендреци, при што беа повредени студенти.
По инцидентите протестот продолжи, а студентите до доцна вечерта останаа пред грчкиот Парламентот во центарот на Атина.
На почетокот на февруари министерот за образование на Грција, Кирјакос Пиеракакис претставувајќи го предлог-законот соопшти дека недржавните и непрофитни универзитети од септември 2025 година ќе почнат со работа, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државни испити.
Вчерашниот протест на студентите беше деветти по ред, а од почетокот на јануари, секој четврток одржуваа собири како во Атина, така и во останатите грчки градови.