Грчката полиција во соработка со колегите од Северна Македонија и канцеларијата на американската служба за борба против дрога во Атина, разби меѓународна криминална организација за трговија со дрога и заплени над 100 килограми кокаин во Солун.
Од полицијата во Солун денеска на прес конференција соопштија дека во Грција уапсени се десет лица, запленети се 104 килограми и 665 грама кокаин, како и 280.000 евра.
Кокаинот во Солун пристигнал од Латинска Америка, скриен во специјални делови во контејнер со банани, а од пристаништето бил пренесен во магацин што го користеле членовите на криминалната мрежа.
Грчки полициски извори брифираат дека токму од магацинот, дел од дрогата требала да стигне во Северна Македонија, а веројатно од таму да се испрати во други европски земји.
Неофицијално, паралелна акција била спроведена кај нас и уапсени се четири лица поврзани со фиктивна фирма која требала да го преземе кокаинот.