Грчката економија закрепнува, но покачувањата на цените и понатаму се еден од најголемите проблеми за Грците

По речиси десет години финансиска криза, по излегувањето од програмите за спасување на грчката економија, Грција веќе шест години „работи“ на своето економско закрепнување, нешто што според Владата е успешно постигнато. Но, за граѓаните, во изминатиот период, покачувањата на цените е нивниот главен проблем, барем според истражувањата на јавното мислење, јави дописничката на МИА од Атина.

По речиси десет години финансиска криза, по излегувањето од програмите за спасување на грчката економија, Грција веќе шест години „работи“ на своето економско закрепнување, нешто што според Владата е успешно постигнато. Но, за граѓаните, во изминатиот период, покачувањата на цените е нивниот главен проблем, барем според истражувањата на јавното мислење, јави дописничката на МИА од Атина.

Леб над едно евро, млеко меѓу едно и две евра, се само дел од цените во грчките супермаркети, додека пак во рестораните порцијата е над десет евра, во кафулињата, кафето ретко е под четири евра, а бензинот е меѓу 1,6 и 1,7 евра за литар.

Во маркетите, цената на млекото е од 1 до 2 евра, лебот е околу 1.20 по килограм, популарната грчка фета од 13 до 17 евра итн.

– Секако дека е сè поскапено, сега веќе чекаме попусти, намалувања, понуди за да ги купиме оние работи што ни се неопходни. Сега и намалената цена е многу повисока од цената пред неколку години. Се плашам дека овој тренд на зголемување ќе продолжи, вели за МИА повозрасна Гркинка додека пазари во атински супермаркет.

Истовремено, сопствениците на кафулиња и ресторани во Атина со кои поразговара дописничката на МИА, велат дека оваа година немаат големи промени на цените во споредба со лани, барем засега.

-Гирото е 4,20, порциите се од 10 до 13 евра, салатите се околу осум евра. Истите цени ги имавме и лани, велат од популарна таверна во центарот на Атина.

Од друга страна, омилените кафиња на Грците, ладното (фредо) еспресо и ладното (фредо) капучино, најчесто се околу 4-4.50 евра.

Дополнителен проблем за граѓаните, за оние кои немаат свои станови се и кириите, особено во Атина, кои континуирано и вртоглаво се зголемуваат.

Според индексот на цени на една од платформите за недвижнини, во првиот квартал на 2025 година има зголемување на цените и на продажбата на станбени објекти во Грција, но и на цените за изнајмување, споредбено за истиот период лани.

Во периодот јануари-февруари-март 2025 година, просечната цена на становите на продажба била највисока во јужните предградија на Атина, со 4.000 евра за квадратен метар, а најниска во Касториа (Костур) од 518 евра за квадратен метар.

За изнајмувањата, најниската цена е регистрирана во Килкис (Кукуш) од 4,00 евра за квадратен метар, а највисока на Халкидики со 27,5 евра за квадратен метар.

Минималната плата во изминатите шест години зголемена за 35,4 отсто

Од 1 април годинава минималната плата во Грција се зголеми за шест отсто или за 50 евра, односно од 830 на 880 евра, што беше петто зголемување откако Нова демократија дојде на власт во 2019 година кога беше 650 евра, додека пак намерата на Владата е во 2027 година кога ѝ завршува мандатот, минималната плата да изнесува од 950 евра.

Станува збор за бруто износ, додека пак нето е нешто помалку од 750 евра и се однесува на околу 1,6 милини вработени, како во приватниот, така и во државниот сектор.

Со зголемувањето на минималната плата, индиректно се зголеми и просечната плата што минатата година изнесуваше 1.342 евра.

– Работам над осум часа седмично, платена сум со минимална плата, односно 880 евра бруто, што значи добивам околу 740 евра, од кои над две третини ми одат на стан и сметки, киријата ми ја поскапеа, па принудена сум сега да се преселам заедно со брат ми за да ги поделиме трошоците и да може да се истера месецот, вели за МИА 35-годишната Александра, која работи во приватна фирма со канцелариски мебел.

Младата девојка е само еден од многуте примери во земјата за, како што самата вели, „преживување со минимална плата во период на голема инфлација“.

Иако годишната инфлација за април беше два отсто, сепак цените на одредени производи, но и услуги, особено кириите и понатаму се високи, а граѓаните живеат своја секојдневна голгота, барем оние со кои поразговара МИА.

Велат дека понекогаш со мака врзуваат крај со крај, иако минималната плата веќе втор месец е за 50 евра повисока, што според дел од Грците, не е доволно да се покријат сите покачувања.

Од друга страна, официјалните податоци покажуваат дека земјата ја остави зад себе кризата и се чини дека актуелната Влада е цврсто решена да оди напред.

– Постоеше период кога Грција честопати се сметаше за „проблематично дете на Европа“, дури и беше доведено во прашање местото во европското семејство, рече неодамна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Берлин, кога беше награден за владините реформи и закрепнувањето на грчката економија.

Посочи дека економијата „расте многу побрзо од просекот во Еврозоната“, а овој раст се должи пред сè на странските, но и домашните инвестиции.

– За 2024 година, се очекуваше нашиот примарен суфицит да биде близу 2 отсто. На крајот изнесуваше 4,8 проценти. Нашиот долг како процент од БДП, што е најважниот индикатор за агенциите за рејтинг и за сите економисти кои ја гледаат макроекономската состојба на грчката економија, се намалува со најбрзо темпо од која било земја на ОЕЦД, посочи Мицотакис.

Јавниот долг на Грција за 2024 година изнесуваше 153,6 отсто од БДП, додека пак според последните предвидувања од Европската комисија ќе продолжи да се намалува на 146,6 отсто за оваа и на 140,6 проценти во 2026 година, а намалувањето се должи на зголемувањето на номиналниот БДП, како и на буџетските суфицити.

Според истите предвидувања инфлацијата што минатиот месец беше 2 отсто, за оваа година се очекува во просек да биде 2,8 проценти и во 2026 година да се намали на 2,3 проценти.

Согласно мајскиот извештај за финансиска стабилност објавен од Банката на Грција, минатата година економијата бележи раст „со задоволително темпо, значително повисоко од она во еврозоната четврта година по ред“, додека пак „опасностите за финансиската стабилност во Грција се главно егзогени и поврзани со геополитички тензии и пораст на трговскиот протекционизам“.

– Годишната стапка на раст на бруто домашниот производ (БДП) во реални услови достигна 2,3 отсто во 2024 година, повеќепати поголема од соодветната стапка во еврозоната. Приватната потрошувачка, инвестициите и извозот на услуги, главно позитивно придонесоа за економскиот раст. Поконкретно, приватната потрошувачка се зголеми со забрзано темпо, поткрепена од зголемувањето на реалниот расположлив доход на домаќинствата. Инвестициите го задржаа својот тренд на раст во 2024 година, пишува во извештајот.

Годишната инфлација во април 2 отсто – цените во маркетите и понатаму високи

По пандемијата и војната во Украина, цените во Грција се зголемија, цени што се однесуваат како на основните прехранбени продукти, така и на останатите производи и услуги, иако инфлацијата постепено се стабилизира.

Како што истакнавме, покачувањата на цените и понатаму остануваат главните проблеми за граѓаните нешто што се констатира и од истражувања на јавното мислење во Грција, спроведени во изминатиот период.

Согласно официјалните податоци од Службата за статистика, годишната инфлација во април била 2 отсто, а од лани до оваа година во конкретниот месец, зголемувања на цените има кај прехранбените продукти и безалкохолни пијалаци, кај облеката и обувките, станбените кирии; кај фармацевтски производи и медицинските слуги, како и на цените на хотелите и во кафулињата и рестораните.

Поконкретно, за една година, најголемо зголемување, за 29,9 отсто има кај природниот гас, за 27,6 проценти е поскапо патувањето со авион, кириите се зголемени за 10,8 отсто, кафето, какаото и чајот за 10,6 проценти, свежите риби се за 8,9 отсто поскапи, овошјето за 8,2 проценти, месото за 5,7 отсто, струјата за 4,7 проценти, зеленчукот, лебот, јајцата меѓу 2,8 и 3,3 отсто.

Од друга страна, намалување на цените има кај маслиновото масло (за 28,3 проценти) и нафтата за греење (за 12,9 отсто).

За да се задржат на исто ниво цените на одредени основни производи или да има минимално зголемување, од ноември 2022 година со одлука на Владата во супермаркетите беше воведена т.н. „Кошничката за домаќинствата“ со над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.

Податоците од Службата за статистика за месец април, покажуваат за 6,4 отсто зголемување на цените во хотелите, кафулињата, рестораните споредбено со лани.

Туризмот придонесува во грчката економија

Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам, земјата ја посетија речиси 36 милиони туристи, бројка што е за 9,8 отсто повисока споредбено со 2023 година, а зголемување за 5,4 проценти има и во приходите за земјата што достигнаа до 21,7 милијарди евра.

Според анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ) директниот придонес на туризмот во грчката економија се проценува на 30,2 милијарди евра во 2024 година, износ што одговара на 12,7 отсто од БДП со што „туристичкиот сектор ја покажува својата водечка улога како стратешки столб на растот, конкурентноста, отпорноста и перспективата на грчката економија во нестабилна и постојано менувачка меѓународна средина“.

Дополнително, согласно анализата, ако се земат предвид многубројните придобивки, вкупниот придонес на туризмот во економијата на земјата во 2024 година се проценува меѓу 66,5 и 80,1 милијарди евра, бројки што одговараат на 28,0-33,7 отсто од БДП.

Грција помина тешки десет години во периодот од 2009 до 2010 година со три меморандум што донесоа мерки за штедење, меѓу кои и кратења на плати и пензии, зголемување на невработеноста, но и заминување на над половина милион млади во странство.