Пилотот и копилотот на канадерот што се урна попладнево на грчкиот остров Евија се мртви, потвдија властите. Поради трагичниот настан е прогласена тридневна жалост во грчката армија, соопшти министерот за одбрана на Грција, Никос Дендиас.
Авионската несреќа се случи попладнево при гаснење на големиот пожар на островот Евија. Грчката национална телевизија објави снимка од моментот на уривањето на авионот. На неа може да се види канадерот, кој летајќи многу ниско, исфрла вода директно врз пожар, но со десното крило удира во врвот на дрво по што може да се забележи дека му паѓа и дел од крилото. По ударот авионот започнува да понира во десно и се урива во подножјето на ридот, при што се гледа кревање на огнена топка.
Грција прогласи вонредна состојба поради висок ризик од избивање на шумски пожар на островот Крит, додека на Родос локалните власти евакуираа цели села кои беа под директна закана од огнот. Таму каде што пожарите се изгаснати, локалните жители, обучувани од пожарникарите, се организираат и стражарат против нивно ново избивање.
Топлотниот бран кој го зафати целиот регион на Медитеранот предизвика стотици активни пожари во Турција, во Грција, во Хрватска, во Италија, во Алжир, во Тунис и во Северна Африка.
Ништо помалку сериозно не ниту на Сицилија, каде денеска се измерени рекордни 47 степени целзиусови за оваа година. Пламените стигнаа до аеродромот во Палермо, кој од синоќа е затворен за сообраќај, додека пак половина од јавниот превоз во градот не функционира, бидејќи помеѓу високите температури и пожарите, возилата се прегреваат.
Експертите сметат дека двата топлотни бранови кои ја зафатија Европа летово немаше да бидат можни без влијанието на климатските промени. Тие забележале дека топлотниот бран кој го погоди континентот минатиот месец бил за дури два целзиусови степена потопол а можноста за неговото појавување биле зголемена дури за сто пати поради човечкото влијание врз климатските промени. Податоците за моменталниот топлотен бран сѐ уште се обработуваат, но се очекува и тие да бидат исто толку поразителни.