
Грција ќе изгради автопати до граничните премини со Македонија
-Македонските граѓани во наредните години, многу полесно ќе се упатуваат кон туристичките центри во соседна Грција и значително ќе се намали времето на патување од Скопје до Атина, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Македонските граѓани во наредните години, многу полесно ќе се упатуваат кон туристичките центри во соседна Грција и значително ќе се намали времето на патување од Скопје до Атина, истакна во синоќешното гостување во „Клик Плус“, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој информираше дека на средбите со грчките власти во Атина бил информиран дека Грција ќе гради автопатско поврзување со гранични премини Меџитлија и Богородица.
„Една од темите кои што ги разговарав со министерот за транспорт и инфраструктура, беше токму тоа. Добив две важни информации. Првата е дека веќе активно работат на изградба на автопат од Кожани до Лерин и до граничниот премин Ники или кај нас Меџитлија. Така што сакаат да изградат автопат на Коридорот 10 д. Имајќи во предвид дека ние веќе градиме автопат од Прилеп до Битола, а и дека го пуштивме експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, а во моментов работиме на подготовки за продолжување од Фариш до Прилеп, тоа значи дека за неколку години Коридорот 10 -д целосно ќе се изгради и сегашните 8 часа патување од Скопје до Атина, ќе се намалат на 5 до 5 и половина часа, што многу ќе ги доближи двата града.
Во однос на поврзувањето од Гевгелија до Солун, исто така работат на проектирање и очекуваат следната или по таа година да почнат активно да работат, имајќи во предвид дека сега ја завршуваат целокупната обиколница над Солун и од тука планираат продолжување до границата со Македонија“, истакна Николоски.