
Грција ќе воведе плафон на профитната маржа на горивата и на производите во супермаркетите
Воведување плафон, односно максимална дозволена граница на профитната маржа како на горивата, така и на производите во супермаркетите, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас и посочи дека освен геополитичката димензија, ги засегаат и „економските последици од оваа криза“, јави дописничката на МИА од Атина.
Воведување плафон, односно максимална дозволена граница на профитната маржа како на горивата, така и на производите во супермаркетите, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас и посочи дека освен геополитичката димензија, ги засегаат и „економските последици од оваа криза“, јави дописничката на МИА од Атина.
Деталите околу владините мерки за справување со профитерството дополнително ќе бидат соопштени од заменик-претседателот на Владата, министерот за животна средина и енергија и министерот за развој на Грција.
Мицотакис на средбата со Тасулас посочи дека е очигледно дека не можат да ги спречат првичните поскапувања на цените, но дека сигурно испраќаат порака дека „оваа економска нестабилност не треба да доведе до појави на профитерство, што дополнително би го влошило проблемот кој и онака постои“.
– Значи, плафон на профитните маржи кај горивата и кај производите во супермаркетите ќе бидат објавени денеска, со рок за спроведување во текот на следните три месеци. Оттаму, ќе бидеме во постојана подготвеност за следење на понатамошните економски последици од кризата, секако, секогаш изразувајќи ја нашата желба наскоро да дојде до деескалација, за да не се зголеми дополнително проблемот што денес изгледа голем, нагласи грчкиот премиер.
Претседателот на Грција посочи дека будноста што државата ја покажа во прашањето на одбранбената заштита на Кипар, „треба да се покаже и во случајот на борбата против профитерството“.
– Сигурен сум дека мерките што ќе бидат соопштени и предупредувачки и казнени, ќе функционираат така што и оние кои размислуваат да ја искористат оваа ситуација за да профитираат, но и оние кои веќе почнале со тоа, ќе бидат запрени, ќе бидат спречени и ќе сфатат дека не е време оваа криза и оваа тешка состојба да им ги наполни џебовите со прекумерни профити, порача грчкиот претседател.
Тасулас и Мицотакис на денешната средба се осврнаа на ситуацијата на Блискиот Исток, на воената помош што земјата ја испрати за Република Кипар, но и на напорите на Министерството за надворешни работи за репатријација на грчките граѓани заглавени во воените зони.
Грчкиот премиер рече дека Грција во пракса покажа дека е „столб на геополитичката безбедност“, нагласи дека е исклучително важно тоа што земјата прва го поддржа Кипар, но и посочи дека особено ги интересира стабилноста на Либан.
– Го изразивме нашето силно несогласување со каква било обемна копнена воена операција во јужен Либан и ја изразивме нашата поддршка за властите на Либан, за тие самите да се справат со вистинските безбедносни проблеми што произлегуваат од присуството на Хезболах во јужен Либан, рече Мицотакис.
Грчкиот претседател рече дека испраќањето на мировна и одбранбена сила на Кипар покажува дека Грција е стабилна, смирена и решителна „за да се соочи со овој период на густи и тешки облаци“.
– И треба сите, грчката држава, Владата и опозициските партии, во овој период на големи предизвици да ги задржиме смиреноста и разумноста што се потребни во овие околности, рече Тасулас и додаде дека земјата одигра водечка улога.