Соседна Грција се обидува до почетокот на летото да ги укине сите рестриктивните мерки наметнати од ковид пандемијата. Според министерот за здравство на Грција – Танос Плеврис, до Велигден се очекува да се олабават низа рестрикции.
Сепак, грчките епидемиолози потенцираат дека пандемијата не е завршена.
Од 15 април привремено ќе се укине административната месечна казна од 100 евра за невакцинираните граѓани кои се над 60-годишна возраст, а мерката, што беше воведена на средината на јануари, одново ќе се разгледа во септември.
Стадионите ќе функционираат со целосна исполнетост, а учениците и вакцинираните просветни работници ќе прават само еден селф тест седмично.
На почетокот на месецов се укина задолжителната маска на отворено, а од пред десет ден, повеќе не е потребно пополнување на ПЛФ формуларот за патување во Грција.
Ова, засега останува и единствената промена во однос на туристите.
Правилата за влез во Грција остануваат непроменети, потребен е документ за Ковид-19, кој исто така важи и за пристап во речиси сите објекти во земјата, без разлика дали се продавници, кафулиња, ресторани, таверни, музеи, археолошки локалитети, кина, театри, спортски објекти итн.
Документот поврзан со Ковид-19, речиси секаде во Грција, при влез во објектите, се скенира со специјална апликација, потребен е и документ за лична идентификација, а исклучок се супермаркетите, аптеките, продавниците за храна,бензинските пумпи.
Невакцинираните и понатаму не можат да влезат во затворените простори, а за надворешните делови на угостителските објекти потребно е да имаат негативен тест.
Маската, и понатаму е задолжителна во затворените простори, а постои силна препорака за употреба и на отвоорено доколку постои гужва.
Во изминатиот период, во Грција има зголемување на бројот на нови случаи на Ковид-19, што веројатно се должи на брзото ширење на подваријантата на Омикрон.