
Грција и Кипар против вклучувањето на Турција во инструментот САФЕ
Ниту една држава што официјално одржува воинствена реторика кон земја членка на ЕУ, не може да се приклучи кон европските одбранбени програми или партнерства, оцени Владата во Атина, која е во повеќедецениски спор со Анкара поради Кипар и разграничувањето на територијалните води во Егејското Море.
Грција и Кипар изразија несогласување со намерата на Европската комисија за вклучување на Турција во инструментот на ЕУ „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ), наменет за финансирање на проекти поврзани со обраната.
– Ниту една држава што официјално одржува воинствена реторика кон земја членка на ЕУ, не може да се приклучи кон европските одбранбени програми или партнерства, оцени Владата во Атина, која е во повеќедецениски спор со Анкара поради Кипар и разграничувањето на територијалните води во Егејското Море.
Против идејата за приклучување на Турција кон САФЕ, е и Никозија, која иако официјално го претставува целиот Кипар, во пракса таа има контрола само на јужниот дел од островот населен со Грци, додека во северниот дел, кој е под турска контрола од 70-те години на минатиот век, е прогласена „Турската Република Северен Кипар“, што е призната само од Анкара.
Портпаролот на Европската комисија за технолошка сувереност, одбрана, Вселената и истражување Тома Рение минатата недела потврди дека право на учество во проекти финансирани преку инструментот САФЕ имаат и трети земји кои не се членки на ЕУ, додавајќи дека Турција веќе доставила формално барање за учество во проектот.
– На трети земји им е дозволено да учествуваат во САФЕ. Дозволено им е да бидат вклучени во национални инвестициски проекти што ќе ги достават земјите членки, со учество до најмногу 35 отсто. Тоа во моментов важи за сите трети земји, истакна Рение.
Тој, сепак, додаде дека при одобрување на учеството на трети земји во САФЕ ќе се води сметка и за заштита на интересите членките на ЕУ и доколку некоја од државите апликанти претставува реална безбедносна закана за членка на Унијата, тогаш таа ќе биде исклучена од проектот.
Одлуката во Советот на ЕУ за евентуалното турско учество во САФЕ треба да се донесе со квалификувано мнозинство, што оневозможува директно вето од страна на Грција или Кипар. Сепак, кога станува збор за прашања поврзани со одбраната, земјите членки се склони кон постигнување консензус за носење на некаква одлука, што би можело значително да ги намали шансите на Анкара за вклучување кон САФЕ.
Но, дури и да нема директно противење на пристапот на Турција до САФЕ, целата постапка би можела да се одолговлекува на неопределено време, бидејќи во Регулативата за инструментот не е наведен експлицитен временски рок до кој треба да се разгледа одредено барањето за вклучување во проектот.
Од друга страна, на евентуалното пристапување на Турција до САФЕ се гледа како на можност за одоброволување на Анкара, со цел да се откаже од приговорот за споделување на тајни документот на НАТО на Европската Унија.