Грција бара одговор од ЕУ за поскапувањето на струјата во источна и јужна Европа
Цените на електричната енергија во Источна и Јужна Европа нагло пораснаа во текот на летото поради високата побарувачка и украинскиот увоз, предупреди грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, барајќи од Европската комисија да го распредели товарот на снабдувањето и да помогне во изградбата на прекуграничната инфраструктура, пренесува Хина.
Од април до август, големопродажните цени на електричната енергија во Грција се зголемија повеќе од двојно, скокајќи од 60 на 130 евра за мегават час, се вели во писмото на Мицотакис до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Поскапувањето во голема мера е резултат на регионални фактори, посочува шефот на грчката влада, објаснувајќи дека слично поскапување на струјата е забележано и во Хрватска, Бугарија, Романија, Унгарија и другите членки на ЕУ.
„Има регионална криза“, заклучува грчкиот премиер, кој додава дека ценовниот шок може да се објасни со повеќе фактори, меѓу кои се многу високите температури, проблемите во производството и прекуграничните капацитети и слабите врнежи во текот на зимата.
Дополнителен товар за регионот е фактот што поради руските напади на електричната мрежа, Украина стана значаен нето увозник на електрична енергија, објаснува Мицотакис и предупредува дека украинскиот дефицит во снабдувањето го покриваат земјите од ЕУ, но шокот не не влијае на сите членки на Унијата во иста мера.
Во нормални услови, цените во земјите на потегот од Чешка до Грција обично се слични, а на почетокот на годината просечната месечна цена на струјата во земјите од регионот се разликуваше само за неколку евра, пишува грчки премиер. Летово разликата се зголеми и за некои часови таа изнесуваше повеќе од 100 евра за мегават час кај соседните земји.
„Во екстремен случај, цената на струјата во Унгарија беше 940 евра за мегават час, додека во соседна Австрија беше 61 евро за мегават час“, вели Мицотакис.
Уште позагрижувачки е сложениот и неразбирлив систем, кој е загатка дури и за експертите, нагласува тој, предупредувајќи дека владите „не можат убедливо да им објаснат на граѓаните зошто цената на струјата што ја плаќаат толку ненадејно се зголемила“.
Тој се заложи за поголема координација и планирање на регионално ниво, тврдејќи дека ЕУ мора да ја преземе регулативата бидејќи одлуките на ниво на поединечни земји не се од голема корист кога цените на електричната енергија се „обликувани од настани оддалечени стотици или дури илјадници километри“.