Груби: Убедувањето на Ахмети да биде шеф на државата оди тешко

Вицепремиерот Артан Груби вели дека за Ахмети кандидатурата за претседател не соодветствува со неговата мисија, Убедувањето одело тешко бидејќи Ахмети во политиката бил со мисија, а не за функција.

Тој додава дека Демократската унија за интеграција се уште немала донесено одлука кој ќе биде нивниот кандидат за претседател на државата, бидејќи прашањето не било дискутирано во партиските органи.

Тој во интервју за „360 Степени“ вели дека за претседателски кандидат имале претходно разговори со опозициските партии на Албанците, но истите се изјаловиле кога Таравари бил номиниран да влезе во претседателската трка.

„Имавме разговори и со Таравари и индиректно со албанската опозиција да излеземе со заеднички кандидат кој би бил натпартиски, не би бил член или поддржувач на партиите, додека Таравари се уште беше претседател на Алијансата за Албанците. Но, за жал, тој дел од албанската опозиција и Таравари кога се присоедини, излезе дека ќе истрчаат со целосно партиски кандидат, претседател на политичка партија и отпадна сето тоа што го разговараваме претходно – да нема втор кандидат Албанец. Сметавме дека тоа многу штети на процесите во земјата по однос на европските интеграции“, порачува Груби.