Вицепремиерот Артан Груби го нарече подмолен и кукавички чинот на палење на автомобилот, кој го користел приватно. Во реакција на Фејсбук, Груби рече дека ваквите напади нема да го одвратат од вршење на својата работа.
„Во политиката сум тука да служам и да оставам белег со работа и дела, а не да го тероризирам моето семејство, моите соседи и моето општество. Постојаните закани и последователните напади ги сметам за кукавички и подмолни, но немам намера да застанам и да се воздржам од работа и реализација на очекувањата на граѓаните“, рече Груби.
Аудито кое Груби го користел приватно било запалено утрово околу 3.30 часот во Чаир во близина на зградата во која живее. Алсат дојде до снимки на кои се гледа како уништеното возило го отстрануваат од паркингот.
Од МВР велат дека добиле известување за опожарување на автомобил кој не бил во сопственост на вицепремиерот, туку на друго лице со иницијали Б.Л., 35 годишен.
„Денеска (22.07.2023 година) во СВР Скопје беше известено дека околу 03.30 часот на ул. Струмичка настанал пожар во автомобил „ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.Л. (35) од Скопје. Пожарот е изгаснат, нема повредени лица. Направена е експертиза од страна на екипите на СВР во Скопје“, соопштија од МВР.
Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, реагираше дека возилото е на Груби, а палењето го нарече акт на насилство од омраза. Реагираа и други функционери на ДУИ. Пратеникот Арбер Адеми го опиша како обид за напад врз Артан Груби.