Груби демантира дека избегал, бил во приватна посета

Поранешниот вицепремиер Артан Груби ги демантира наводите на дел од медиумите дека избегал од државата по неговото ставање на американската црна листа и по повлекувањето од јавниот и политички живот.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби ги демантира наводите на дел од медиумите дека избегал од државата по неговото ставање на американската црна листа и по повлекувањето од јавниот и политички живот. Како што синоќа објави на социјалните мрежи, патувал надвор од Македонија во приватна посета.

Преку објава на Фејсбук, екс-функционерот на ДУИ побара од јавноста да не изнесуваат шпекулации.

-Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство, стои во објавата на Груби.

Дел од медиумите на албански јазик во земјава вчера објавија дека Груби избегал од државата преку граничниот премин Блаце и се упатил во Косово.

Груби реши да се повлече од ДУИ, тврди дека е чист како солза, но не сака да и биде на товар на партијата. Откако беше ставен на црната листа на САД, а неговиот лидер Ахмети не сакаше да се откаже од него се дури не се потврди дека бил вмешан во корупција, Груби самиот одлучи да отстапи од неговата матична партија со децении, но и од јавниот живот.

Одлуката на Стејт департмент на САД за ставање црната листа поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети, според министерот за европски прашања претставува срам за правосудството и државата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ова јасно открива зошто се прави, како што велат, драма пред Уставниот суд и зошто постојано повикуваат судовите и обвинителствата да си ја работат работата за којашто се платени.

Откако и апелациски судија се најде на црната листа, од Судскиот совет велат, преземаат мерки согласно неговите надлежности утврдени со Законот за судовите и Законот за Судскиот совет.

Од Судскиот совет загрижени по ставањето на судијата Беџети на црната листа. Оттаму велат дека се посветени за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем.