Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска преку објава на социјалните мрежи изрази очекување од надлежните инстиуции да покренат постапки во врска со последните случувања во Судскиот совет.
Грковска, во објавата на својот официјален фејсбук-профил јавно прашува: „Со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки“.
„Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? Уште повеќе, очекувам надлежните институции да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество“, вели Грковска.
Вицепремиерката вели дека секој треба да носи индивидуална одговорност во зависност од тоа на која позиција е, наведувајќи дека во година која е клучна за суштински напредок на државата во европската интеграција, од сите се бара поголема зрелост, мудрост и одговорност за работењето и функционирањето.
Таа смета дека случувањата во Судскиот совет не смеело во никој случај да се дозволат.
„Имајќи ја предвид крајно неповолната состојба во правосудниот систем во земјава, за која сме сите свесни и за која добиваме остри реакции од меѓународната заедница, сметам дека случувањата во Судскиот совет не смееше во никој случај да се дозволат. Советот е тело кое треба да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и да ги остварува своите функции согласно со Уставот и законите“, вели Грковска во објавата.
Затоа е поразително, посочува таа што наместо да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, што е една од основните функции на Советот, од таму се манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот, што беше констатирано и од набљудувачите од граѓанскиот сектор.
„Ваквото однесување на членовите на Судскиот совет е срамно не само за нив туку и за државата. Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење“, пишува таа.