
„Антикорупциската борба е систем на сврзани садови и кога клучните елементи во тој систем целосно затајуваат, последиците ги чувствуваме сите. Четирите проценти доверба во судството се доволни да ја опишат оваа состојба, но и да покажат дека само со темелни промени во оваа гранка на власта и елиминирање на неказнивоста, вистински ќе функционираат и ќе дадат резултат сите други механизми.
И само така може да ја менуваме целокупната култура, менталитетот и односот на секој поединец кон корупцијата, која го разјадува општеството, го блокира развојот и ни ја краде иднината и перспективите“, истакна Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната конференција на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Нагласувајќи ја важноста на проактивниот однос на сите институции кога станува збор за спречување на корупцијата, вицепремиерката Грковска посочи дека институциите и носителите на функција не смеат да ги игнорираат наодите од кој било релевантен
извештај.
„Унапредувањето на свеста за потребата од интегритет и професионално, одговорно и ефикасно работење кај носителите на јавни функции и јавните службеници е суштинско за менување на политичката култура, која, мора да си признаеме е недоволно развиена“, изјави Грковска.