
Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковски изрази големо незадоволство од одлуката на Апелациониот суд за укинување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и масовното незаконско прислушување во УБК.
Таа посочи дека „со голема доза на загриженост ја примила информацијата“.
-Уште позагрижувачки се информациите дека, поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права. Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот, побара Грковска.
Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам, додава вицепремиерката, дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност.
-Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука, потенцира Грковска.
Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, стои во соопштението од Апелациониот суд.