Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ денес одржа средба со граѓанските организации на тема: „Соработка и дијалог со граѓанското општество – состојби и перспективи”.
„Граѓанското општество е без дилема значаен дел од нашето општество. Борбата за човекови права, владеење на правото, заштита на правата на малцинските групи, слободата на говорот и делувањето, транспарентноста и отчетноста на институциите, партиципацијата и инклузијата во процесите на креирање на политики, како и европските перспективи и членството во ЕУ се наши приоритети и темелни вредности.
Оваа влада, внимателно ги разгледуваше анализите, мислењата и ставовите на граѓанскиот сектор, особено оние што нè критикуваат. Ова е дел од дијалогот кој го водиме и кој мора да продолжи во иднина. Посветеноста и анализите на граѓанските организации се интегрирани во реформските политики на владите на СДСМ во изминатите седум години.
Уделот на граѓанското општество беше од клучно значење во приготвувањето и прифаќањето на стратегиите и законите во области како антикорупција, антидискриминација, социјална и здравствена заштита, транспарентност, отчетност и отвореност на институциите, реформата на правосудниот систем и јавната администрација, како и политиките на промоција на мултикултурализмот и интеграцијата во ЕУ.
На денешната средба се зацртани следните планови и ветувања:
1. Континуираното работење на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество; понатаму
2. Унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации (Зголемување на уделот на државно финансирање од централниот буџет и од буџетите на единиците на локална самоуправа и предвидени финансиски средства за воспоставување и функционирање на Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество и кофинансирање на проекти на Европската Унија, како и
3. Вклучувањето на граѓанските организации во процесот на преговори со Европската Унија преку усвојување на модел за учество на граѓанското општество во процесот на пристапни преговори со Европската Унија и унапредување на моделот за избор на претставници од граѓанското општество во секторските работни групи за ИПА.
„Нашата Влада отворена е за дијалог и соработка за да ги оствариме заедничките цели и да градиме посветено општество. Европскиот пат е нашата приоритетна агенда, како и на граѓанскиот сектор, таа цел е во интерес на сите граѓани, а најмногу за обезбедување на квалитетна и просперитетна иднина на нашите млади, за сите идни поколенија на оваа држава.“, вели тој.