Граѓански револт и протести по убиството во Велес

По убиството на Росица Коцева во Велес, невладини организации повикаа на протест во Скопје поради „колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди“.

Расте револтот и барањето одговорност од институциите коишто затаиле во случајот со насилството врз 31-годишната Росица од Велес, која што сурово беше убиена заедно со нејзиниот татко, од страна на поранешниот партнер, со кој подолго време имала недоразбирања.

Неколку невладини организации повикаа на протест пред Министерството за внатрешни работи и блокада кај паркот „Жена борец“ во Скопје поради „колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди“.

Жртвите плаќаат превисока цена

„Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите. Убиството на Росица,и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени“, се наведува во заедничкото соопштение на неколкуте здруженија.

Невладините повикуваат дека треба да се излезе на улица – онаму каде што „насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи“.

„Ве повикуваме да кажеме јавно и гласно дека насилството врз жените и фемицидите се неприфатливи! Ве повикуваме колективно да ги обжалиме сите девојки и жени кои изминативе години беа убиени од страна на поранешни или сегашни интимни партнери, зашто институциите и заедницата ги игнорирале нивните повици за помош. Ве повикуваме да дадеме поддршка на жртвите на насилство и заедно да кажеме: Ниту една повеќе!“, се вели во повикот.

Се бара оставка и разрешувања

Опозицискиот СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и разрешување на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес по трагедијата во која беа убиени 31-годишна жена и нејзиниот татко.

„Жената повеќепати барала заштита, пријавувала закани, насилство, кражби, според некои медиуми над 70 пати. Полицијата знаела, социјалните служби знаеле, институциите не мрднале со прст. Страшно и болно истовремено. Институциите не успеаја да заштитат живот на една жена и на еден човек“, велат од партијата. Според опозицијата, одговорноста мора да почне од раководните лица на СВР Велес.

Обвинителството сподели детали за серија настани коишто му претходеле на убиството во понеделникот, а кои се однесуваат на пријави што сега веќе убиената жена ги поднесувала до институциите во врска различни дела сторени од нејзиниот поранешен партнер, меѓу кои и насилство.

Опозиционерите додаваат дека случајот е порака дека системот потфрлил, а кога тоа се случува, како што велат, мора да има одговорност, а тој систем мора да се промени од корен.

Хронологија на настаните

Обвинителството соопшти детали за серија настани коишто му претходеле на убиството. Девојката повеќепати го пријавувала насилникот во полиција. Во април годинава за него било поднесено обвинение за загрозување на сигурноста и за насилство. Биле извршено и психијатриско вештачење, при што е утврдено дека тој не боледува од душевна болест. Иако му била изречена условна казна и забрана да комуницира со жртвата и нејзиниот татко, тој и понатаму бил пријавуван дека не ги почитува мерките.

Дваесетина случаи на фемицид се евидентирани воМакедонија од 2019 до 2023 година. За четири години се покренати 17 кривични постапки за фемицид, во кои се убиени 19 жени. Повеќето од жртвите настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови.

Од невладината организација Реактор прашуваат уште колку фемициди треба да се случат пред институциите да почнат да си ја вршат работата.

„Фемицидот е кулминација на мизогинија, на општествена култура што ја зема женската жртва ’здраво за готово’ и очекува жените да трпат, да ќутат и да бидат послушни кон системот што ги третира нашите животи како потрошена роба, а нашата безбедност како товар“, велат тие. Според нив, „смртта на Росица не е трагедија што случајно се случила, ниту пак е семејна драма“.

Нејзиното убиство можело и морало да се спречи. Секоја жена која била претходно тепана, била жртва на закани или била прогонувана, живее со ризикот за ваков крај ако институциите не си ја работат својата работа, посочуваат од Реактор.