
Граѓани поднесоа претставка до Уставниот суд и кривична пријава за „Safe City“
Според подносителите, новиот систем за санкционирање сообраќајни прекршоци, кој предвидува доставување прекршочни налози преку СМС пораки што содржат линк до PDF документ, е незаконски, технички небезбеден и неуставен.
Група граѓани поднесоа претставка до Уставниот суд, барајќи оценување на уставноста и законитоста на т.н. „Safe City“ систем што го применува Министерството за внатрешни работи.
Воедно, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за сега непознати службени лица.
Според подносителите, новиот систем за санкционирање сообраќајни прекршоци, кој предвидува доставување прекршочни налози преку СМС пораки што содржат линк до PDF документ, е незаконски, технички небезбеден и неуставен.
Тие тврдат дека моделот воведува серија сериозни повреди на основни човекови права, приватноста и принципот на еднаквост на граѓаните пред законот.
Во претставката се истакнува дека СМС-доставата на прекршочни налози подразбира употреба на смартфон, интернет и специјализирана апликација за отворање PDF документи.
„Законодавството не бара граѓанинот да поседува мобилен интернет или паметен уред,“ се наведува во документот.
Од ова, според подносителите, произлегува дека дел од граѓаните реално се оневозможени да ја примат казната, да имаат увид во содржината или да поднесат жалба, што претставува повреда на правото на правична постапка и правна сигурност.
Дополнителен проблем, како што се наведува, е задолжителното собирање телефонски броеви за време на регистрацијата на возила и создавањето база што ги поврзува тие броеви со регистрираните возила.
Ова, според граѓаните, е спротивно на Законот за заштита на лични податоци и на европската регулатива GDPR.
Поднесителите реагираат и на селективната примена на фиксни камери, кои, како што тврдат, се поставени само во одредени градови, со што се создава нееднаква правна положба меѓу граѓаните во различни региони.
Во документите доставени до институциите се посочува дека СМС-пораките се исклучително небезбедни и технички неподатливи за службена комуникација.
Во кривичната пријава, пак, се изнесуваат сомнежи дека со воведувањето на новиот систем се исполнети елементите на неколку кривични дела: злоупотреба на службена положба, несовесно работење и неовластено собирање и обработување лични податоци.