Граѓаните ќе може да проверуваат дали некој превозник на патници има лиценца или не

Покрај портал наменет за граѓаните, се подготвува уште еден кој ќе го користат институциите и тој ќе треба да овозможи полесна проверка на податоците при контролите што им се прават на превозниците.

Преку една платформа контролорите ќе може да проверат какви лиценци има фирмата, кои се податоците за возилата, но и за лиценците на вработените возачи. Секој граѓанин во земјава ќе може електронски да провери дали некој превозник има лиценца за превоз на патници или стоки.

Оваа опција ќе ја нуди порталот „etransport“ кој го подготвува Министерството за транспорт и врски (МТВ) со цел да ја зголеми транспарентноста и свеста кај сите учесници во сообраќајот, како и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

„Јавниот портал „etransport“ ќе овозможи пристап на граѓаните до податоците што се однесуваат на поседувањето лиценци и изводи од лиценци за вршење на превоз на патници и стоки, како и капацитетот и еколошкиот стандард на возилата“, велат од Владата.
Од Министерството за транспорт и врски денеска на владина седница информирале за подготовката на овој портал, но и за уште еден (admin.transport) кој ќе биде наменет за институциите, а преку кој тие ќе имаат пристап до база на податоци кога ќе прават контроли на превозниците.

„Со можностите коишто ги дава новата платформа, се овозможува електронска контрола на постоењето и веродостојноста на издадените сертификати и лиценци коишто ги проверуваат контролните органи. Со електронската проверка на веродостојноста на приложените документи, се заменува процедурата за нивна хартиена проверка, како и побрзо и поефикасно извршување на проверките на надлежните контролни органи“, велат од Владата.
Преку порталот, контролорите ќе имаат пристап во евиденцијата на превозници односно ќе им бидат достапни податоци за лиценците што ги имаат фирмите, податоците за нивните возила, како и за вработените возачи.

„Со тоа контролните служби ќе можат да проверат дали лицето е вработено или не во фирмата превозник, како и дали поседува сертификат за професионална компетентност на возач, што е неопходен документ при вршење меѓународен превоз на патници или стоки во патниот сообраќај“, велат од Владата.