
Огласи за продажба на огревно дрво веќе започнаа да се споделуваат на социјалните мрежи, а цената за еден кубен метар дрво изнесува околу 4.500 денари со вклучен превоз.
„Денар.мк“ разговарале со вработени во стовариште на територијата на Ѓорче Петров, каде што се нуди огревно дрво – бука.
– Засега продаваме само бука, а цената за еден метар квадратен е 4.500 денари, превозот е на наша сметка. Сè е легално, нема лажење, а за купените дрва ќе добиете и официјален документ. Се зборува дека цената на огревното дрво ќе расте и наесен сигурно ќе достигне цена повисока од 100 евра за кубик, па затоа сега сите трчаат за да нарачаат. Засега имаме доволно дрва за да ги услужиме сите муштерии, но слабо стоиме со време поради зголемениот обем на работа. Па така, доколку денеска нарачате неколку кубици дрва, можно е да се случи да сме оневозможени доставата да ја извршиме истиот тој ден, туку наредниот – вели извесен Рамиз од Сарај.
За дрвата, пак, што се продаваат преку складиштата во кои се испорачуваат дрва од „Национални шуми“, важи ценовникот од јуни во 2022 година.
Според овој ценовник, еден кубен метар даб и багрем од склад е 3.564 денари, бука е 3.444, а јавор, јасен и брест е 3.243 денари.
Од ЈП „Национални шуми“ објаснуваат дека од нивните складишта можат да се купат дрва на рати, но тоа важи само за социјално-ранливите категории граѓани, како и за семејствата на бранители кои можат да купат огрев на 8 и повеќе рати.
– Склучените договори со здруженија на пензионери, со училишта, градинки, имаат приоритет и тие дрва се плаќаат на рати – велат од ЈП „Национални шуми“.