Сообраќајната несреќа која утринава се случи на улицата „Васко Карангеловски“ во скопската општина Аеродром, во која автомобил заврши превртен на кров ги изреволтира жителите во околината.
Бараат итно да се постават семафори и градските власти да ја зголемат безбедноста, особено поради тоа што во близина се наоѓа училиште и деца секојдневно ја преминуваат ова улица. Велат дека целиот сообраќаен проект е промашен.
„Тука не се знае кој јаде кој пие, кој има предност, навечер не се ни гледаат триаголниците, ако не се постави кружен тек или семафор безбедноста за децава е катастрофа, подитно во друг случај да се затвори улицата, ова е нешто невидено“
„Нема семафор. Кога ќе се стават семафори ќе биде побезбедно сега за сега тука има и школо не е безбедно да се преминува улицата и сметам дека треба семафори да се постават“.
Улицата „Васко Карангелески“ неодамна беше реконструирана и проширена, а жителите од околните згради уште за време на реконструкцијата упатуваа апели и предупредувања до градските власти дека улицата не е безбедна и дека потребно е поинакво сообраќајно решение.
Фотографии од стравичната несреќа се појавија и на социјалните мрежи каде се апелира за зголемена безбедност на улиците, , особено што денешната сообраќајка се случи во близина на училишен двор.
Од општина Аеродром велат дека немаат надлежност за поставување на сообраќајна сигнализација, но веќе побарале од Град Скопје и тоа во неколку наврати да го реши проблемот, но безуспешно.
– Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата „Васко Карангелевски“, во насока на поставување на соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот. – велат од Општина Аеродром.
Град Скопје молчи. Од кабинетот на градоначалничката, Данела Арсовска, не најдоа време да одговорат на ТВ 24, што ќе преземе градската власт за да ја зголеми безбедноста и да ги заштити граѓаните, особено децата. Жителите на Аеродром по денешната сообраќајка прашуваат треба ли не дај боже уште некој да настрада за некој од надлежните да реагира.