Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека од 8 мај досега се предадени 23.503 парчиња оружје, повеќе од 1,2 милиони парчиња муниција и 5.643 мини-експлозивни направи.
Во различни полициски операции запленети се 57.000 парчиња оружје, но до крајот на судската постапка не можеме да излеземе во јавноста со нив, изјави Гашиќ на седницата на српскиот парламент.
Тој ги прочита извештаите за активностите на училишниот полицаец во ОУ „Владислав Рибникар“, како и за постапките на Полициската станица Врачар пред масовното убиство на учениците од тоа училиште на 3 мај.
Гашиќ рече дека минатата година имало 15 контролни активности на училишни полицајци и нема евидентирани неправилности во работата на училишните полицајци.
Српскиот парламент расправа за Извештајот на Владата за безбедносната состојба по масовните убиства во Белград и во областите Смедерево и Младеновац, што се случија на почетокот на мај.