Од Град Скопје известуваат дека нивните противпожарни единици делуваат со натчовечки напори на терен во Расадник, каде попладнево изби пожар кој е веќе локализиран, ставен под контрола и во најкраток можен рок ќе биде целосно изгаснат.
„Со цел оплеменување на опожарениот простор и заштита на животната средина, апелираме општина Кисела Вода да го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за изградба на нов мега-парк на таа локација. На овој начин жителите на општината ќе добијат нов зелен појас наместо запуштен простор, кој во моментов претставува опасност по животот и здравјето на граѓаните“ велат од Град Скопје.
Инаку, денеска во гаснењето на пожарот во Расадник на помош пристигна и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски кој заедно со пожарникарите го гаснеа пожарот.
„Уште веднаш по добиената информација, заедно со противпожарната бригада на градот Скопје, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и сите расположливи општински ресурси излеговме на терен каде заедно го ставивме под контрола. Во овој момент се прават појаси за поголема заштита. Апелирам да не се крева паника бидејќи ситуацијата е под контрола. Патем, неколку засегнати граѓани кои заедно со мене се бореа против урбанистичко дивеење гледам по одредени свои реакции исплашени се да не е пожарот намерен и тенденциозен за да подоцна некој гради згради, како во некои други времиња. Можам да истакнам и да гарантирам дека моја заложба беше да се пониши штетниот ДУП за Расадник и да се објави меѓународен конкурс и транспарентно општината го води процесот, така да, ниту еден пожар, ниту една било каква непогода, не може да влијае против мојата намера граѓаните заедно со експертите да го креираат и изберат новиот ДУП. Без грижи, никој повеќе нема да гради без план на опожарени површини. Јас стојам заедно до интересите на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.