Градоначалник во Мексико и уште 17 лица загинаа во напад на банда

Вооружени напаѓачи го убиле градоначалникот, неговиот татко и уште 16 лица во државата Гереро во јужниот дел на Мексико, соопштија властите, пренесува АП.

Обвинителството соопшти дека вчера во градот Сан Мигел Тотолапан загинале 18 лица, а уште двајца се ранети. Се вели дека меѓу загинатите се градоначалникот Конрадо Мендоза и неговиот татко, поранешен градоначалник на градот.

Полицијата соопшти дека вооружени мажи упаднале во градското собрание на Сан Мигел Тотолапан околу 14 часот по локално време.

Градското собрание било изрешетано со куршуми, пренесува АП.

Сан Мигел Тотолапан се наоѓа во регионот Тиера Калиенте, насилен дел од западно Мексико каде нарко картелите се борат за превласт.

Во 2016 година, жителите на овој град, на кои им е доста од киднапирања од локалната банда „Лос Текилерос“, ја киднапирале мајката на водачот на бандата за да обезбедат ослободување на другите.