Гоце Трајковски сведочи дека му се заканувале: Тој прв го забележал „ситроенот“
„Пред да сведочам, сакам да кажам дека имам закани од овие психопативе тука, од нивната партија. Пази што зборуваше да не пропаднеш во дупка. Сакам да кажам дека никој не им се плаши на овие психопативе. Заканите беа од профилот „Недвижности Битола“. Заканата беше да внимавам што зборувам. И после тоа се вклучија во живо од партијата, и самите се издадоа дека се од тој профил. Имам и тужба против нив. Не сум јас 14-годишно девојче да ми се закануваат“, рече Трајковски.
За првпат во судница денеска се појави и сведочеше Гоце Трајковски, пријател на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на 14-годишната Вања.
Трајковски не познава ниту еден од обвинетите и како што изјави не е во роднинска врска со никој пд нив.
Се пожали дека по настаните поврзани со случајот, добивал закани.
„Пред да сведочам, сакам да кажам дека имам закани од овие психопативе тука, од нивната партија. Пази што зборуваше да не пропаднеш во дупка. Сакам да кажам дека никој не им се плаши на овие психопативе. Заканите беа од профилот „Недвижности Битола“. Заканата беше да внимавам што зборувам. И после тоа се вклучија во живо од партијата, и самите се издадоа дека се од тој профил. Имам и тужба против нив. Не сум јас 14-годишно девојче да ми се закануваат“, рече Трајковски.
Сведокот Трајковски одговараше на прашањата на обвинителките кои го навратија на денот кога исчезна Вања. Гоце рече дека дента спиел до 10 часот и дека кога отворил Фејсбук прочитал дека е исчезнато девојче од „Песталоци“.
– И се јавував на ќерка ми која учи во истото школо ама не ми крена. Ме фати паника и ѝ се јавив на мајка ми. Таа ми рече дека девојчето е на час и дека ја следи на апликација. После тоа накај 13 часот мајка ми ми пиша порака дали знам чие е девојчето што го нема и ми кажа дека станува збор за Вања на кумот Саше. Имаме старо кумство со Саше, ми беше кум на првата свадба. Никогаш не сме се дружеле. Се немавме слушнато 15-20 години. Мајка ми ми рече да му се јавам на Александар и да му помогнам затоа што имам луѓе секаде. Ѝ одговорив дека ми е незгодно оти долго време се немаме слушнато, да не испадне дека сакам да фаќам сеир. Во 20 часот вечерта пак ми рече да му се јавам и да му понудам помош, ми го прати бројот, па јас му напишав СМС порака „Здраво Саше, овде е синот на Кираца, ако треба помош барај ме“. Ми врати дека е во полициска станица и дека дава изјава но дека ќе ме побара кога ќе излезе – рече Гоце.
Двајцата зборувале на телефон, меѓу другото, и за тоа дали да се вклучи куче трагач да ја бара Вања, дали Вања има дечко, дали е вљубена… Таткото на Вања рекол дека никогаш дотогаш не се случило да ја нема цел ден.
Се сретнале првиот пат пред зградата на Александар. Гоце прашал по која патека одела Вања на училиште, а Александар му покажал апликација која точно покажала каде се движела Вања.
– Излегов на улица, барав камери. Прво ги барав снимките од продавница за душеци ама ми рекоа дека камерите подолго време не работат. После тоа отидовме во фризерница чија камера фаќа точно пред скалите од зградата. Газдарицата беше културна и ни даде да ги гледаме снимките од нејзиниот телефон – рече Гоце.
Тој рече дека гледале на снимките од 7.10 часот до 7.30 часот, бидејќи Вања излегла од дома во 7.20.
– Ја немаше Вања на снимките. Се чудевме како е тоа можно затоа што ГПС-от покажува дека тука поминала. Александар ѝ се јави на Зорица и ја праша кое време таа излегла од дома за да провериме дали времето на снимките е точно. Зорица му рече дека излегла во 7.35 часот. Се покажа дека Зорица ја има на снимките како испаничено трча со црна јакна среде улица и телефонот го става во задниот џеб. Заклучивме дека снимките се точни – рече Гоце.
Тој додаде дека Александар и Зорица ја барале Вања насекаде, се јавувале по болници оти мислеле да не ја удрила кола. Биле и на Водно и на Кеј, викале по неа. Биле и во една напуштена куќа, ама Вања ја немало.
– Потоа се јавив кај другар во „Сејф сити“ да провери на камерите, случајно да не заминала кон парк. Ми рече дека ја нема на камерите кон паркот. Ми рече дека цела полиција е вклучена и дека сите се чудат дека нема трага, како со хеликоптер да е земена – рече Трајковски, кој барал и добил снимки и од една менувачница.
Гоце вели дека имало оперативен штаб од 70 полицајци кои работеле заедно на случајот.
– Пријателот не сподели службени тајни со мене, туку само сакаше да помогне да се најде девојчето. Тој е херој во овој случај – додаде Гоце.
Потоа Александар отишол во кафулето „Синдикат“ и го замолил газдата да му ги даде снимките од камерите.
– Само што почнавме да ги гледаме, влегоа двајца инспектори од МВР. Ги гледавме заедно снимките 2-3 минути и им реков дека нешто ми е чудно. Им реков на полицајците: „Толку ли не сфаќате дека Вања е исчезната наутро во 7.20 часот, а снимките што ги гледате се во темница?“ Тогаш на газдата му текна дека снимките отстапуваат два часа од реалното време. На тие снимки видовме девојче кое беше облечено исто како Вања, со јакна и со ранец. Единствено ранецот се разликуваше од тој на Вања. Тогаш го извадив телефонот да сликам за да му пратам на Александар ама инспекторите ме опоменаа и ме избркаа надвор од менувачницата. Во тоа време Александар седеше со други инспектори кај него пред зграда. Јас продолжив кон Дебар Маало. На крај ги собравме сите снимки и ги гледавме заедно, а откако утврдивме дека ја нема Вања наоколу, остана само улицата кај фризерницата. Ја пуштив пак снимката од фризерницата и враќав од 6 до 9 часот, но немаше ништо. Гледавме автомобили, за секоја кола правевме посебен скриншот. Ми падна чудно тоа што првите 5-6 коли поминуваа со 40-50 км на час, а „цитроенот“ многу чадеше и многу бавно возеше. Му реков на Саше дека колата ми е сомнителна, дека работи под саух и дека е тазе запалена, а и прозорците беа замаглени. Го познав возилото дека е „цитроен“ затоа што како дете ја викавме ајкула. Александар тогаш ми рече дека Вања нема шанси да се качи во ваква кола. Скриншотите ги препратив кај другарот во „Сејф сити“ и продолжив кон кафулето „Правда“ за да барам други снимки. По 3 часа ми се јави другарот од „Сејф сити“ и ми рече дека сум ненормален поради тоа што сум го нашол „цитроенот“. Тогаш ми кажа дека 3 дена го бараат тоа возило и дека е на исчезнат велешанец – рече Гоце.
Извор: Независен