Гоцевски: Сите сили да се насочат кон стабилизација на државата

Несомнено е дека геполитичките односи и безбедносните предизвици и ризици имаа пресудна улога врз состојбите и процесите кои се одвиваа во Северна Македонија минатата година. Никој не може да ги отстрани, ниту најмоќните земји од ЕУ, ниту пак државите од регионот поединечно. Умешноста е ние да не одиме контра нив и да се прилагодиме и на најбезболен начин да ги надминуваме последиците, вели во интервју за МИА поранешниот министер за одбрана, Трајан Гоцевски.

Тој потенцира дека во ова кризно време, во кое првпат по Втората светска војна постои поширока европска и светска, политичка, безбедносна и економска криза, се уште без јасна визија за завршница, се докажало дека членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД за нас и за нашата национална безбедност се од непроценливо значење.

– Секако дека ја испративме една од најтурбулентните години во поновата европска историја, која не погоди сите нас и како граѓани и како држава. Според мене светот и Европа влегоа во нова ера во која сегашната економска политичка и безбедносна архитектура е разнишата во самата основа, смета Гоцевски, кој е член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија и министер за одбрана во првата Влада на независна Македонија, под чие непосредно раководство во 1992 година беше формирана Армијата на Република Македонија.

Тој се осврна на она што претставува најголема причина за загриженост во нашето општество, а како што посочи, тука високо котира проблемот со корупцијата, која ја оцени како дел од безбедносните ризици.

– Треба да не загрижува и корупцијата. Таа е закана за функционирањетo на системот, владеењето на правото, за буџетот, за економскиот развој, за животниот стандард на граѓаните, за државата во целина. Сите чинители, подеднакво во рамките на своите ингеренции треба да дадат свој придонес во решавањето на ова крупно прашање. Не смееме да ја потценуваме. Не сме добри во битката против корупцијата. Правосудниот систем и другите надлежни органи за борбата против корупцијата во земјава испорачуваат слаби резултати. И тоа е дел од безбедносните ризици кои треба многу да не загрижуваат, вели Гоцевски.

Причина за загриженост, според поранешниот министер за одбрана, е и поделбата на македонското општество, особено поделеноста по партиска припадност.

– Ако вака продолжиме да немаме договор за ниту едно прашање од витално значење за државата, вклучувајќи ја и европската агенда, националната безбедност, одбраната, дипломатијата, тогаш никој од надвор не може да ни биде виновен за состојбите кај нас.. .Односот кон државните и националните интереси треба да бидат над се. Едноставно ни треба уредена, политички стабилна, економски просперитетна, безбедна и демократска држава, вели Гоцевски.

Во интервјуто тој говори и за регионалната безбедност, оценувајќи дека состојбата на Западен Балкан е нестабилна и кревка и додава дека сите сили сега треба да ги насочиме кон севкупна стабилизација на Северна Македонија со цел да може да се справи со сите предизвици во 2023.

– Затоа процесот на реформи, со кои треба да се обезбеди демократизацијата на општеството во целина и ќе придонесе за постабилна држава со функционални институции со доверба кај граѓаните, со несмалена динамика треба да продолжи и во 2023 година. Нивниот застој треба да не загрижува сите, вели Гоцевски.