Горан Папаз: Без љубов нема уметност

Интервјуто со музичарот Горан Папаз го правеше Марија Димишкова

„Ако имаш љубов и невозможните работи ќе станат возможни. Нема ништо повозвишено од таа емоција. Најубавите мелодии излегуваат од нас кога љубиме”.

Трилинг: Папаз, пред крајот на годинава ја почестивте македонската публика со преработка на песната „Го молам ноќва небото” од Тоше Проески. Оваа песна не е ваша прва преработка на музиката на Тоше Проески. Колку низ вашата кариера се провлекува желбата да не се заборави неговата музика?

Горан Папаз: Тоше не треба да го заборавиме пред се како човек, беше пријател со сите и она неговото “Ве сакам сите“, секој од нас го чувствуваше, искрен беше. Првата преработка ја направив на песната “По тебе“, втора ми е “Го молам ноќва небото“, ја изработивме заедно со Танче Гроздановски, Иван Еминовиќ и Андреа и сакам да преработам и други понатаму. Маестро Копров и Огнен Неделковски несебично ми дозволија да ја направам и се надевам дека не ги разочарав.

Трилинг: Годинава ја објавивте и песната „Кога љубов имам”.Во една прилика велите инспирација за песната е љубовта кон се она што е околу нас. Каква улога имаше љубовта во вашето музичко созревање низ годините?

Горан Папаз: Без љубов нема уметност. Ако имаш љубов и невозможните работи ќе станат возможни. Нема ништо повозвишено од таа емоција. Најубавите мелодии излегуваат од нас кога љубиме.

Трилинг: Папаз, по што ќе ја паметите 2021 година?

Горан Папаз: 2021 година беше тест за многу од нас, уметниците беа посебно погодени и спречени да го прават тоа што умеат па секој од нас се снаоѓаше на свој начин. Јас се трудев да ги вадам само позитивните нешта од сите работи што се случуваа околу мене.  Запознав и прекрасна личност која ме исполнува и ме прави целосен, во секоја смисла на зборот. Затоа можам да кажам дека по тоа ќе си ја паметам  2021.

Трилинг: Вашиот талент за музика прв го забележал покојниот Зоран Џорлев при едно летување во Охрид кога сте имале пет години. Како се одлучивте за саксофонот, беше и тоа љубов на прв поглед со инструментот?

Горан Папаз: Маестро Џорлев е дефинитивно најзаслужен за откривањето на мојот талент, недостига многу, секогаш ќе го паметам по убави работи. Саксофонот почнав да го изучувам во средно образование, и да, беше тоа љубов на прв поглед. Се надевам таа љубов ќе ме држи дури сум жив.

Трилинг: Многу често објавувате фотографии од вашиот Охрид, но периодов поради професионалните ангажмани почесто сте во Скопје. Што правите во моменти кога ви недостига езерото и каде ги наоѓате мирот и инспирацијата во Скопје?

Горан Папаз: Релацијата Охрид – Скопје, да бидам искрен веќе не ја ни осеќам и не ми претставува проблем да одам макар на два-три саати дома и да се вратам назад во Скопје, кога се сака, ништо не е тешко. Мирот и инспирацијата си ги наоѓам во син ми и девојка ми и во мислата дека сите околу мене се живи и здрави во оваа пандемија.

Трилинг: Папаз, какви очекувања имате од 2022 година?

Горан Папаз: Очекувам да заврши пандемијата и да се вратат работите во нормала. Да се изгуби стравот, и да биде се како што беше пред две години. На професионално поле очекувам повеќе концерти и еден соло албум, доволно е.