Голем пад на цените на нафтата на светските берзи
Цените на нафтата паднаа денеска на меѓународните берзи под 75 долари откако медиумите објавија дека конфликтните страни во Либија наскоро би можеле да го решат спорот околу централната банка која го запре производството и извозот на црното злато.
На лондонската берза цената на барелот по пладне беше пониска за 3,08 долари во однос на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 74,44 долари. Американскиот пазар беше затворен поради празник, а во електронското тргување барелот се тргуваше за 2,55 долари пониско, по 71,00 долари.
На крајот на минатата и на почетокот на оваа недела, расположението на пазарот беше пригушено од индициите за намалена побарувачка во Кина и САД и планираното зголемување на понудата од членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници.
Осумчлената група членки на ОПЕК и нивните партнери ќе го зголемат производството за 180.000 барели дневно од 1 октомври, како што беше одлучено на почетокот на летото, и покрај загриженоста за побарувачката, велат извори од индустријата.
Денеска вниманието на трговците го привлече извештајот на Блумберг дека конфликтните страни во Либија наскоро би можеле да го решат спорот за централната банка, што ќе овозможи враќање на либиската нафта на светските пазари.
Распродажбата на нафтените пазари беше поврзана со извештајот на Блумберг на Џовани Стаунов од UBS во кој функционер на либиската централна банка и клучен играч во спорот даде „силни“ навестувања дека политичките партии се блиску до договор.
Извозот на либиска нафта преку главните нафтени пристаништа беше запрен во понеделникот, а производството беше намалено, изјавија шест инженери за Ројтерс, укажувајќи на судирот меѓу политичките партии околу контролата на централната банка и приходите од нафтата.
Либиската Национална нафтена корпорација (НОК) прогласи „виша сила“ на нафтеното поле Ел Фел на 2 септември. Вкупното производство падна во рок од два дена од речиси 959.000 барели дневно на 591.000 барели дневно на 28 август, соопшти НОК. На 20 јули, Либија произведуваше 1,28 милиони барели дневно, истакна компанијата.
„Останува да се види до каде треба да паднат цените на нафтата за да реагира ОПЕК + бидејќи на повеќето членки на картелот им се потребни повисоки цени отколку што се денес за да се доближат до балансирање на нивните буџети“, рече аналитичарот на Panmure Liberum, Ешли Келти.
ОПЕК одделно објави дека во понеделникот барел нафтена кошница на нејзините членки паднал за 1,72 долари, на 77,03 долари.