Големи фирми преку „шема“ незаконски користат струја од регулираниот пазар, санкции од надлежните сè уште нема

Големи фирми сè уште се снабдуваат со поефтина електрична енергија, која според законот не им следува, користејќи „шема“ преку отворање на мали фирми „ќерки“ со до 20 вработени и со закупување на нивното броило.

Како што објави Телма денеска, овие фирми, преку оваа шема, користат и до десетпати поефтина струја, а МЕПСО, но и Управата за јавни приходи (УЈП) треба да ги откријат ваквите злоупотреби и да пресметаат колку пари од ДДВ се одлеале од државниот буџет на овој начин.

Имено, на регулираниот пазар на електрична енергија се домаќинствата и малите и микро компаниите, но не плаќаат иста цена. Домаќинствата плаќаат една, а малите и мирко фирмите друга цена, која сепак е помала во однос на онаа од слободниот пазар каде со електрична енергија се снабдуваат големите фирми.

Од Владата засега не ги откриваат компаниите кои преку оваа шема се снабдувале со струја од февруари годинава до сега.

На ваквите злоупотреби посочи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а надлежните органи најавија истрага.

Ова прашање денекс му беше поставено и на советникот за енергетика на премиерот, Димитар Ковачевски – Виктор Андонов. Тој истакна дека дека трендот на ваквите злоупотреби во текот на изминатата година за прв пат беше нотиран токму од државните институции, односно од страна на Регулаторната комисија за енергетика, и со „овој тренд ќе се справуваат институциите преку соодветни мерки со кои би се спречила евентуалната злоупотреба на електричната енергија, за што јавноста најтранспарентно ќе биде информирана“.

Владиниот советник за енергетика со двоен повик до граѓаните – ем да бидат спокојни, ем да штедат струја

Според Телма финансиската полиција уште пред неколку месеци била во дел од компаниите кои се впуштиле во оваа шема за набавка на електрична енергија и поседува документација, а оттаму известување испратиле и до скопското обвинителство. Оттаму, ќе почекаат да се констатира колкав финансиски криминал сториле овие компании и дали постои основ за кривично гонење.

Сепак, неизбежно е институциите да ги откријат сите овие фирми за УЈП и МЕПСО да пресметаат колкава финансиска штета е направена на буџетот.

Покрај тоа останува проблемот како да се отстранат овие фирми од регулираниот пазар и дали тоа може да се предизвика дополнителна криза, бидејќи се помалку се фирмите кои тргуваат на слободниот пазар за електрична енергија, а и општините тешко можат да си најдат снабдувач.

Освен првичната истрага, пазарниот инспекторат веќе казнил неколку правни субјекти со по неколку илјади евра, наведува телевизијата.

За потсетување, по скокот на берзанската цена на струјата, 12 илјади фирми мигрирале на регулираниот пазар, но дел од нив меѓу кои и општини смислиле шема со отворање на ќерки фирми да прејдат на регулираниот пазар и да користат субвеницнирана струја за микро и мали компании.

Ланци маркети, казина, аптеки, фабрики, осигурителни компании, се само дел од големите фирми кои го изиграле законот и направиле огромни финансиски заштеди од февруари навака.