Големи пожари во западна Турција, над 20 повредени, илјадници евакуирани

Шумските пожари низ западна Турција повредија 21 лице и принудија околу 4.000 жители да се евакуираат, соопштија денеска властите, јави ДПА.

Пожарот се прошири во пет градови и провинции, вклучувајќи го и третиот по големина град во земјата Измир, објави државната телевизија ТРТ.

-Пламените јазици во Измир траат два дена, а повредено е 21 лице, објави на „X“ градоначалникот на Измир, Џемил Тугај.

Никој не е тешко повреден, додаде тој.

Ранетите, меѓу кои шест пожарникари и еден полицаец, моментално се на лекување, рече Тугај.

Вкупно 3.971 жител во четири западни провинции, вклучително и Измир, се евакуирани на безбедно, одделно објави управата за катастрофи во земјата.