Голема експлозија на мостот што ги спојува Русија и Крим

Резервоар со гориво се запали утрово на мостот Креч, клучниот што ги спојува Русија со Крим, јави руската државна агенција РИА Новости.

Прекинат е сообраќајот на патниот и железничкиот мост кој е направен со цел да го поврзе Крим со транспортната мрежа на Русија. „Резервоар со гориво гори на една од делниците на мостот“, објави руската новинска агенција, цитирајќи регионален функционер без да ја наведе причината за експлозијата.

„Спутник“, пак, повикувајќи се на информации од рускиот национален антитерористички комитет наведе дека експлодирал камион при што се запалиле седум цистерни со гориво во возот што во тој момент поминувал таму.

Според извештаите на украинските медиуми, пак, експлозијата се случила утрово околу 6 часот. Од објавените видеа на социјалните мрежи може да се забележи како горат вагони со гориво во железничкиот дел од мостот, додека делот за патен сообраќај е тешко оштетен. Овој мост свечено го отвори рускиот претседател Владимир Путин во 2018, четири години по анексијата на Крим од Русија.