Голготата на Евреите по пристигнувањето во Аушвиц прикажана на фотоизложба во скопскиот музеј на Холокаустот

„За секој човек има име“, „Пристигнување“ се насловени дел од паноата на изложбата „Аушвиц – Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“, која се отвори синоќа во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија , во чест на Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од Холокаустот – 27 јануари.

„Албумот со фотографии од Аушвиц“ е единствената позната визуелна документација за процесот на собирање и селектирање на Евреите кои биле депортирани во Биркенау. Фотографиите првенствено го прикажуваат пристигнувањето на транспортите од Карпатска Русија, Унгарија во Аушвиц-Биркенау, пролетта 1944 година.

Фотографиите се собрани во албум кој има 56 страници и содржи вкупно 193 фтографии кои прикажуваат повеќе фази на тоа како изгледала постапката на која биле подложени Евреите по нивното пристигнување во Аушвиц-Биркенау.

Изложбата ја организираат Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница. Изложбата е раскажана и продуцирана од Секторот за патувачки изложби, Оддел за музеи, Јад Вашем.

Извор: СДК