Годишната стапка на инфлација во Турција се зголеми на речиси 70 отсто
Годишната стапка на инфлација во Турција во април се зголеми од мартовските 68,5 отсто на 69,8 отсто, објави денеска Турскиот институт за статистика Туркстат.
Инфлацијата во Турција сега е највисока од ноември 2022 година.
Во април најмногу пораснале цените во секторот образование на годишно ниво, за 103,86 отсто, како и цените на услугите во хотелите, кафулињата и рестораните за 95,82 отсто или цените на превозот за 80,39 отсто.
Храната и безалкохолните пијалоци поскапеле за 68,5 отсто, алкохолните пијалаци и тутунот за 78,53 отсто, а облеката и обувките за 51,2 отсто.
На месечна основа инфлацијата е зголемена за 3,18 отсто во однос на март, се наведува на веб-страницата на Туркстат.
Годишната стапка на базичната инфлација во Турција се зголеми и во април, од 75,21 отсто во март на 75,81 отсто.
Централната банка на Турција на 25 април одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 50 отсто.
„Основниот тренд на месечна инфлација во март, и покрај падот, беше поголем од очекуваното“, се посочува во соопштението на Комитетот за монетарна политика на Банката.
Увозот на стоки за широка потрошувачка и злато е забавен, што го подобри салдото на тековната сметка на Турција, но домашната побарувачка во Турција и натаму е „отпорна“, се вели во извештајот.
Инфлаторните притисоци и натаму се присутни поради инфлацијата во услужниот сектор, растот на цените на храната и геополитичките ризици, заклучува Централната банка на Турција.