
Годишен состанок на Крит на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион – земјава ќе го преземе претседателството од Грција
Во рамките на грчкото претседателство со Макро-регионалната стратегија на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) и со Јадранско-јонската иницијатива (АИИ) од денеска до четврток во градот Ханиа на Крит ќе се одржи десеттиот годишен форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион, а во рамките на состанокот нашата земја и официјално ќе го преземе следното претседателство со ЕУСАИР.
Во рамките на грчкото претседателство со Макро-регионалната стратегија на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) и со Јадранско-јонската иницијатива (АИИ) од денеска до четврток во градот Ханиа на Крит ќе се одржи десеттиот годишен форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион, а во рамките на состанокот нашата земја и официјално ќе го преземе следното претседателство со ЕУСАИР, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонската делегација на јубилејниот десетти форум на Крит ја предводи министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Од Министерствата за национална економија и финансии и за надворешни работи на Грција преку заедничко соопштение информираа дека во рамките на годишниот форум на Крит ќе се одржи „Министерски состанок на Иницијативата/ЕУСАИР (на 6 мај), со усвојување на Критската декларација; Панелот на министри надлежни за европските програми; церемонијата на предавање на претседателството од Грција на Северна Македонија, како и прес-конференција на шефовите на двете претседателства“.
Паралелно, додадоа дека форумот вклучува богата програма на сесии и тематски настани со учество на над 400 претставници од земјите-членки на Стратегијата, од Европската комисија, академската заедница, граѓанското општество и бизнис светот.
– Целта на грчкото претседателство и Форумот е зајакнување на регионалната соработка во Јадранско-јонскиот макро-регион, промоција на европската перспектива на Западен Балкан, истакнување на улогата на социјалната кохезија, истакнување на сините вештини и справување со климатските промени во новиот ревидиран Акциски план, како и да се поврзе ЕУСАИР со идната Кохезиска политика по 2027 година, соопштија од Министерствата за национална економија и финансии и за надворешни работи на Грција.
Додадоа дека со десеттиот годишен форум на Крит ќе се истакне „стратешката улога на Грција како мост меѓу Европската Унија и Западен Балкан и ќе се потврди и цврстата посветеност на земјата кон зајакнување на европската кохезија, транснационалната соработка и одржливиот развој во поширокиот регион“.