
Говорот на дијалект на новинарите го открива недоволното познавање на вокалниот и фонетскиот систем на македонскиот јазик
Јазичниот израз во медиумите е исклучително специфичен. Се придржува и ја промовира нормата од една страна, а сепак е отворен за нови решенија. Јазикот во медиумите е важен затоа што влијае и на развојот на стандардниот македонски јазик, и затоа е потребно да покажеме свесен елемент во јазичната политика. Да се обидеме да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои доаѓаат како резултат на глобализацијата.
Јазичниот израз во медиумите е исклучително специфичен. Се придржува и ја промовира нормата од една страна, а сепак е отворен за нови решенија. Јазикот во медиумите е важен затоа што влијае и на развојот на стандардниот македонски јазик, и затоа е потребно да покажеме свесен елемент во јазичната политика. Да се обидеме да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои доаѓаат како резултат на глобализацијата.
Ова беа дел од пораките упатени денеска на 29. Меѓународен научен собир на тема „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, што се одржува во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“.
Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска пред почетокот на настанот изјави дека јазикот во медиумите е многу важен, затоа што токму преку медиумите се гледа развојот на македонскиот јазик.
– Задача на новинарите всушност е да го промовираат македонскиот јазик во медиумите, поточно стандардниот македонски јазик. Меѓутоа, секаде во општеството се случува една демократија, па така демократијата постои и во јазикот. Токму од тие причини, ни се случуваат промени. Некои промени, како на пример оние на лексички план што се, ќе поминат. Ќе се користат година две, потоа ќе се заборават, па ќе дојдат нови зборови, подвлече Јованова-Грујовска.
Меѓутоа, како што посочи, проблемот се јавува доколку дојде до системски промени во рамки на зборо-образованието, односно доколку се јават промени во морфологијата или синтаксата.
– Затоа сме ние тука од Институтот за македонски јазик, да потсетуваме и да потенцираме дека мора да се внимава на чистотата на македонскиот јазик. Едноставно, јазикот во медиумите, кој денес веќе постои и во електронската форма, исклучително е важен и влијае на развојот на стандардниот македонски јазик, додаде Јованова-Грујовска.
Во однос на тоа каде точно се јавуваат недостатоци во поглед на користењето на македонскиот јазик во медиумите, Јованова-Грујовска одговори дека нејзината најголема забелешка е што не постојат училишта за правилен изговор, па така кај голем дел од новинарите се забележува нивниот дијалект од тој крај од каде што доаѓаат, односно недоволното познавање на вокалниот и воопшто фонетскиот систем на македонскиот јазик.
– Најголемата моја забелешка е што повеќе не постојат училишта за правилен изговор. Често пати се случува, во зависност од тоа од кој крај на Македонија доаѓа новинарот, веднаш да се почувствува неговиот дијалект. Не само ние како професори, туку и сите оние кои го следат медиумот, веднаш ќе забележат дека новинарот не го научил вокалниот и воопшто фонетскиот систем на македонскиот јазик. Тука се јавува проблемот, во изборот на дијалектна лексика. Некои во себе си го носат товарот од дијалектната лексика, рече Јованова-Грујовска.
Исто така, како што подвлече, често се забележува и употреба на жаргонска и странска лексика, најмногу од страна на младите во младинските емисии, притоа потенцирајќи дека медиумот не е место за употреба на вакви изрази.
– Младите многу сакаат да бидат интересни и во нивните младински емисии употребуваат жаргони и многу често употребуваат странска лексика, меѓутоа медиумот не е за тоа. Медиумот е всушност да покажеме дека ние сме исполнителни и квалитетни во се, додаде Јованова-Грујовска.
Како што посочи, квалитетен новинар ќе знае да го употреби правилно стандардниот македонски јазик
Претседателката на Меѓународниот организациски одбор, Катица Топлиска-Евроска одговорајќи на новинарско прашање како да се надминат овие предизвици кои се случуваат во медиумскиот простор, потенцираше дека е најважно да покажеме свесен елемент во јазичната политика, да влијаеме колку што можеме посвесно на јазичните промени, да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои се јавуваат како резултат на глобализацијата, која што е општ светски процес.
– Најважно е да покажеме свесен елемент во јазичната политика, да влијаеме колку што можеме свесно на јазичните промени, да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои се јавуваат како резултат на глобализацијата, која што е општ светски процес, па во тие рамки и во македонскиот јазик, рече Топлиска-Евроска. Таа е на ставот дека најчести грешки се јавуваат во медиумите се употребување на англицизмите, турцизмите или србизмите.
Топлиска-Евроска потсети дека денешната тема е еден вид на надоврзување на една претходна традиција во развојна смисла, на децениска јазично-културна динамика во Македонија.
-Поранешните научни истражувања и денес остануваат актуелни. Далечната 1981 година беше одржана научна конференција со наслов „Јазикот во јавната комуникација“ со истакната имиња како Блаже Конески, Оливера Јашар, Благоја Корубин, потоа во 1999 година во рамките на „Денови на Благоја Корубин“ повторно имавме научен собир со тема „Јазикот во јавното општење“. Тоа се тие два континиума во тој процес на следење на медиумската писменост. И следствено на нив се случува и третиот собир што се организира денеска и утре „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“. Собирот е важен затоа што оваа година се навршуваат 30 години од смртта на Благоја Корубин, додаде Топлиска-Евроска.
Собирот ќе се одржи и во текот на утрешниот ден во просториите на Институтот за македонски јазик во Скопје. Ннајавено е учество на над 40 учесници, со 35 наслови на реферати.