Глоуб енд Мејл: Канадскиот премиер Трудо се очекува да поднесе оставка од лидерската функција во партијата

Не е познато ниту дали Трудо ќе се повлече и од премиерската функција или ќе остане на чело на владата додека не биде избран нов лидер на Либералната партија.

Се очекува канадскиот премиер Џастин Трудо да поднесе оставка како лидер на Либералната партија, потенцијално уште денеска, јави весникот „Глоуб енд Мејл“.

Според извори од канадскиот весник, Трудо ќе се повлече пред клучниот состанок на владејачката партија кој треба да се одржи в среда.

Не е познато ниту дали Трудо ќе се повлече и од премиерската функција или ќе остане на чело на владата додека не биде избран нов лидер на Либералната партија.

Трудо ја презеде партијата во 2013 година, во период кога таа минуваше низ криза, откако за првпат во својата историја се најде на трето место на парламентарните избори.

Според анкетите, Либералната партија би можела да претрпи тежок пораз од конзервативната опозиција на редовните избори планирани за октомври.

Оставката на Трудо би можела да предизвика нови повици за предвремени избори, со цел да се формира влада која ќе може да работи со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп неодамна со потсмев го нарече Трудо како „гувернер“ и го повтори својот предлог Канада да стане американска сојузна држава.