Гласот на Венс одлучи: Сенатот тесно го усвои „Големиот прекрасен закон“ на Трамп

Републиканците во Сенатот тесно го изгласаа законот на Доналд Трамп за даноците и трошењето, кој со тоа ја помина една од клучните пречки. Таканаречениот Голем прекрасен закон беше усвоен благодарение на гласот на потпретседателот Џеј-Ди Венс по повеќе од 24 часа дебата, откако тројца републиканци гласаа против.

Законот сега се враќа во Претставничкиот дом, каде што се соочува со уште поголема опозиција. Претходната верзија на законот беше усвоена во Претставничкиот дом со само еден глас разлика. Трамп му даде рок на Конгресот да ја усвои финалната верзија на законот до 4 јули, за да може да го потпише на тој ден.

Споровите околу дефицитот, социјалните програми и нивоата на трошење создадоа предизвици за републиканците, го закочија напредокот и го натераа Трамп да признае дека ќе биде многу тешко да се испочитува рокот за усвојување на законот. По неколкудневни преговори, републиканските лидери конечно успеаја да ја обезбедат поддршката на сенаторката од Алјаска, Лиза Мурковски, која претходно беше воздржана поради загриженоста за намалувањата на средствата за здравствената програма Медикејд во нејзината држава.

Републиканците во Претставничкиот дом сега треба да ги одобрат промените направени од Сенатот, пред Трамп да го потпише законот и да стапи во сила.

Законот предвидува големо намалување на даноците, но се стравува дека истовремено ќе го зголеми националниот долг за 3,3 трилиони долари.