
Главниот булевар во Тирана блесна во македонски знамиња по повод манифестацијата „Недела на македонската култура“
Во Тирана вечерва почнува манифестацијата „Недела на македонската култура“, а по тој повод главниот булевар „Народни херои“ блесна со стотици македонски знамиња.
Во Тирана вечерва почнува манифестацијата „Недела на македонската култура“, а по тој повод главниот булевар „Народни херои“ блесна со стотици македонски знамиња.
-Булеварот блесна во црвено жолта боја. Вечерва во 20 часот е свеченото отворање на манифестацијата, која по првпат се одржува во албанскиот главен град, што навистина не прави горди. Не го криеме задоволството што заедно со Културно информативниот центар, успеавме во нашите напори, со поддршка на Министерството за култура и туризам, како и албанското министерство за економија, култура и иновации и општина Тирана, изјавија за МИА, од македонската Амбасада.
Посочуваат дека за одржување на оваа манифестација предвидени се 20 илјади евра, при што 80 отсто од средствата ги обезбедува општина Тирана.
-Свеченото отворање ќе биде во концертната сала во познатата црква „Воскресение Христово“ на кое е потврдено дека ќе се обрати на македонскиот министер за култура, Зоран Љутков. Поради неодложни обврски околу изборната кампања, која е во тек во земјата, неговиот албански колега, Бленди Гонџја се извини што не може да присуствува, но ќе се обрати заменик министерката, Лира Пипа, нагласуваат од амбасадата.
По обраќањата следува концертот „Поглед кон иднината“ во изведба на познатата македонска пијанистка Емилија Попивода и реномираната албанска диџејка Реа Лемнуша, позната по својата долга кариера низ Европа и како музичар и новинар за настани од културата, по што ќе има прием и коктел.
Се очекува присуство на претставници на македонските друштва и партијата (МАЕИ), Македонци од други делови на земјата, како и од Тирана но и други граѓани, љубители и почитувачи на македонската култура.
Вториот настан е во недела, кога во македонски културен центар-Нобис во 19 часот ќе биде отворена изложба на слики со традиционални македонски носии и промоција на книгата „Монографија за македонската народна носија“ на авторот Владимир Јаневски, посветена на овие културни богатства.
Според програмата, настани се предвидени и на 26 и 30 април, кога завршува ова значајна манифестација, чија цел е промоција на македонската култура, туризам и економија.