По повод Европскиот ден на знамето, денеска во организација на Европското движење се одржа традиционалниот планинарски марш до врвот на Водно, на кој присуствуваа евроамбасадорот Дејвид Гир и претседателката на Европското движење, Милева Ѓуровска.
Маршот започна пред седиштето на Европската унија, каде Гир и Ѓуровска извршија размена на знамињата на ЕУ и Северна Македонија, по што се упатија кон врвот на Водно каде ќе бидат поставени двете знамиња.
Евроамбасадорот Гир ја нагласи размената на знамињата на Европската унија и Северна Македонија, како и нивното поставување на врвот на Водно, и изрази уверување дека македонското знаме ќе се вее во Брисел кога земјава ќе стане членка на Унијата.
– Искачувањето на планина не е едноставна работа. Има многу што да се направи. Маршот е тежок, но уверен сум дека ќе го освиме врвот, како и дека оваа земја во иднина ќе го заземе заслуженото место во Европската унија како полноправна земја членка, рече Гир.
Ѓуровска посочи дека денешниот настан по повод Европскиот ден на знамето е традиција која се одржува повеќе од 25 години.
– Планинарскиот марш, организиран од Европското движење мислам дека се одржува повеќе од 25 години, тоа е една долга традиција каде планинари, млади, граѓани и сите кои би сакале, го искачуваат врвот на Водно, рече Ѓуровска.
Симболиката е, вели Ѓуровска, дека се искачуваме заедно со претставници на ЕУ кои нѐ придружуваат на патот кон ЕУ.