Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да и пристапи на Европската Унија дали затоа што ЕУ не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Унијата. Ниту едно од овие тврдења не е точно, рече денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир на настанот на Министерството за надворешни работи со дипломатскиот кор организиран по повод одбележувањето на четиригодишнината од членството на С Македонија во НАТО.
„Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската Унија, патот е практичен и многу лесно остварлив“ – рече Гир во своето обраќање на настанот.
Говорејќи во таа насока, евроамбасадорот Гир кажа оти го споделува мислењето дека патот кон Европската Унија е пат на просперитет, зајакнување на демократските вредности, владеењето на правото, но и и пат на стабилност.
„Тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Република Северна Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас. И од овие причини ја поттикнуваме Северна Македоинија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија. Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските коишто ги презеде во јули 2022 година по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг-процесот како и имплементацијата на реформите кои беа утвредени во текот на овој процес, вклучително и тие коишто се набројани во новиот план за раст и реформи на Европската Унија“ – рече Гир.
Во однос на Северноатланската алијанса, тој посочи дека таа останува темел за колективната одбрана на сојузниците и е од суштинско значење за евроатланската безбедност.
НАТО и Европската Унија, рече Гир истовремено играат комплементарна улога во зајакнувањето и поддржувањето на мирот и безбедноста во Европа.
„И навистина е препознано дека една посилна и поспособна европска одбрана може позитивно да придонесе кон глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна и интероперабилна со НАТО“ – рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.