Гир: Сакаме да видиме отворање на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија што е можно поскоро

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска повтори дека Унијата посакува што е можно поскоро отворање на преговорите за членство на С. Македонија и Албанија во ЕУ.

„Јасно е дека ние сакаме да видиме отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Ние ги поздравуваме напорите на Скопје и Софија за решавање на билатералните прашања за тоа се случи набрзо и ние ги охрабруваме да продолжат со овие напори. Се надеваме дека тоа ќе се случи што поскоро или за време на француското претседателство“ – изјави денеска евроамбасадорот Гир по обраќањето на конференцијата „ЕУ за општините“.

На прашањето дали откажаната посета на бугарската шефица на дипломатијата, Теодора Генчовска ќе се рефлектира на односите со Софија и преговорите за надминување на билатералните прашања, министерот за локална самоуправа, Горан Милески рече дека тоа е прашање за шефот на дипломатијата Бујар Османи, но тој смета дека работите на релација со Софија се одвиваат во добар правец.

„Политичкиот дел го води МНР и јас не знам кои се причините за откажувањето на посетата дали е тоа од политичка природа или некоја лична спреченост. Но, во тој дел тоа треба да го каже министерот Османи, бидејќи ние немаме детали на Влада што се преговара во политичкиот дел. Меѓутоа моја оценка е дека работите одат во позитивна насока. Јас сум оптимист дека ќе се постигне договор, бидејќи гледате дека и условите на Бугарија се прилагодуваат на денешницата, бидејќи се бара заштита на бугарското малцинство во Македонија, нема некои прашања кои што го поврзуваат јазикот или историски прашања гледаме дека не се на дневен ред. И тоа е добро“ – рече Милевски.