Се надевам дека пораките од министрите и од нас и од другите ќе бидат земени предвид кога ќе размислуваат за тоа што е националниот интерес, а гледано од наш аспект и за европскиот интерес. Ние веруваме дека местото на вашата земја е во ЕУ не затоа што сме ние фини, туку затоа што мислиме дека имаме заеднички интерес и дека ова е најдобра иднина за земјата, вели евроамбасадорот Гир за Слободен Печат.
Евроамбасадорот Дејвид Гир е постојано на македонската сцена, не само на политичката, со изјави, препораки, совети… Неговите ставови за состојбите во земјава, особено во судството, и за нејзината интеграција во ЕУ во светло на уставните промени, ќе бидат сѐ поважни и позначајни ориентири за иднината на земјава.
Евроамбасадорот Дејвид Гир е постојано на македонската сцена, не само на политичката, со изјави, препораки, совети… Неговите ставови за состојбите во земјава, особено во судството, и за нејзината интеграција во ЕУ во светло на уставните промени, ќе бидат сѐ поважни и позначајни ориентири за иднината на земјава.
Уставните измени влегоа во собраниска процедура, а во меѓувреме се случуваат посетите од високи европски функционери. Колку се од помош ваквите посети и пораки, која е целта?
– Среќни сме што имавме посети прво на министрите од Австрија, Чешка и од Словачка во име на високиот претставник Жозеп Борел, а потоа и министрите од Франција, Германија и од Полска, и мислам дека сите доаѓаат пред сѐ затоа што се од земји многу блиски пријатели со земјава и држави што се многу посветени на европската иднина на оваа земја и на процесот на проширување, а нивните пораки беа дека признаваат оти прашањето за уставните измени е суверена одлука на земјата. Доаѓаат не за да делат лекции и да мавтаат со прст, туку да го споделат нивното разбирање за геополитичката ситуација во Европа, предностите на напредувањето на патот на интеграцијата и ризиците ако не се прави тоа. Мислам дека тоа беше чесен и искрен обид да се споделат потенцијалите од овие пријателски земји, кои се ангажираат за ова прашање. Што се однесува до самото прашање за уставните измени, ние признаваме дека ова е суверена одлука, но мислам дека клучните пораки што и јас се обидувам да ги пренесам, се дека прво треба да се види геополитичкиот контекст и поширокиот развој на настаните во регионот. Она што го гледаме во овој исклучителен момент на промени и трансформација по војната во Украина, е дека има интензивирање на процесот на проширување. Исто така и сфаќање дека проширувањето не е значи само просперитет, туку и безбедност и стабилност. Како резултат на тоа, видовме неколку напредувања лани со европската перспектива за Украина и Молдавија, со условите на Грузија, почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, плус кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина. Сето ова покажува нова определба. Затоа мислам дека пораката беше дека ова е момент кој е ретка работа во дипломатските и во меѓународните односи и важно е државата да биде свесна за тоа кога ќе ги носи одлуките за уставните измени со цел да се напредува со овој момент.
Каде е опозициската ВМРО-ДПМНЕ во нивниот фокус?
– Добро е што овие високи функционери се сретнаа речиси со сите од политичкиот спектрум, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ за да разговараат со нив и да го споделат нивното гледање зошто овие измени се толку важни. Зошто е важно да се дејствува токму сега наместо да се чека во иднина, бидејќи нема да има подобар договор, нема да има нови понуди, нема да видиме нов договор со Бугарија, што значи ова е тоа што е на масата сега, тоа е компромис. Знаете дека компромисот никого не го задоволува комплетно, но сепак дава можност, вратата е отворена. Почнавте со преговори, имавте скрининг и можете да се придвижите кон наредниот чекор, односно идентификување на патоказите и сите чекори што треба да ги преземете во реформите. Значи, сега навистина не станува збор за тоа дали земјата ќе оди напред со усвојување на уставните измени. Но, пак ќе кажам, тоа е суверена одлука.
Амбасадоре има една индијанска поговорка која вели: „Најтешко е да го разбудиш оној што се преправа дека спие“. Дали овие средби со ВМРО-ДПМНЕ ја потврдуваат оваа поговорка и зошто?
– Мислам дека клучот за ова прашање и за целата европска интеграција е дијалогот, ставање сѐ на маса и зборување отворено и искрено како партнери. Средбите со сите мислам дека беа многу отворени дури и прилично емотивни и тоа е добра работа, бидејќи споделувате различни ставови, гледања. На крајот останува на пратениците да ја преземат сопствената одговорност и да донесат одлука. Но, се надевам дека пораките од министрите и од нас и од другите ќе бидат земени предвид кога ќе размислуваат за тоа што е националниот интерес, а гледано од наш аспект и за европскиот интерес. Ние веруваме дека местото на оваа земја е во ЕУ не затоа што сме ние фини, туку затоа што мислиме дека имаме заеднички интерес и дека ова е најдобра иднина за земјата.
Дали Вие лично планирате некаков дополнителен ангажман – обраќање во парламентот, разговори со пратеници, пораки до јавноста и слично?
– Зборувам постојано. Ќе зборувам со сите и со секого затоа што верувам дека во интерес на земјава е да оди напред на својот европски пат и дека усвојувањето на уставните измени е начин да се постигне тоа. Ако го видите предлогот во Собранието, од мој аспект, тој не влијае негативно врз националниот интерес. Подготвен сум да разговарам со секого, но морам да го почитувам фактот дека ова е одлука што треба да ја донесе самата земја и она што го правам и јас и другите е во духот на дијалог. Како ќе одите на патот кон ЕУ, ќе има сто можности и ќе зборуваме и се надевам ќе се фокусираме многу на прашања какви што се реформи во судството, антикорупција, еколошки стандарди, отворено и искрено, ќе има и емотивни дискусии што не мислам дека е негативно. Мислам дека емоциите се начин на покажување посветеност.
И покрај сите пораки опозицијата останува на ставот дека нема да гласа за амандманите, а истовремено се ситни мнозинството со отцепувањето на дел од пратениците на ДУИ. Што доколку не се усвојат? Освен што ќе прекине процесот на евроинтеграција, дали тоа ќе влијае и врз парите што ги добиваме од ЕУ? Дали ќе се смени односот на ЕУ кон државава, дали ќе остане во фокусот на интерес?
– Ако уставните измени не поминат, тоа значи дека пристапниот процес ќе запре. И се разбира тоа значи дека другите земји што исто така се во процесот може да одат напред, а оваа земја не. Стравот е дека овој застој може да биде продолжен и според тоа земјата го пропушта овој момент, ја пропушта оваа можност да оди напред одлучно, што ќе значи дека ќе биде одложено вашето членство во ЕУ. Тоа ќе има практични импликации за граѓаните, бидејќи придобивките од реформите, инвестициите што би дошле ако земјата оди напред, ќе бидат побавни. Дали тоа значи дека овде ЕУ ќе исчезне? Се разбира не. Ќе останеме овде, ќе останеме ангажирани, ние ја сакаме вашата земја во ЕУ, ние веруваме дека во заеднички интерес е Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Ќе продолжиме да обезбедуваме финансиска и техничка помош за земјата, а ќе продолжиме и да притискаме за реформи. Но се плашам дека можноста што се појавува на патот за проширување ако сте земја што преговара можеби нема да биде достапна, додека другите земји ќе можат да го капитализираат тоа.
Што се однесува до финансиската поддршка, таа би била на исто ниво како сега или нешто ќе се смени?
– Не можам да кажам каква ќе биде финансиската поддршка во иднина, но ние обезбедуваме околу 100 милиони евра годишно и сега за периодот 2023-2024 програмираме слично ниво на поддршка. Се зборува и за многубројни иницијативи за поттикнување на растот овде. За тоа говореше и претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, за иницијативи за стимулирање на растот овде. Еден од проблемите на вашата земја и на другите земји од регионот е ако чекате придобивките од проширувањето да дојдат на самиот крај на процесот пред приклучувањето, прво тоа изгледа далечно за граѓаните и се губи ентузијазмот. Втора работа е како да се стимулира економијата и земјата да се приклучи и да биде конкурентна на единствениот пазар. Прашањето е како да го засилите економскиот раст и да се приближите до европскиот просек. Во моментов во вашата земја просечниот приход изнесува само 41,5 проценти од тој на 27-те земји членки на ЕУ, а многу позагрижувачки податок е дека продуктивноста на работниците изнесува околу 16 проценти од европскиот просек. Прашањето е како да се приближат овие бројки до овој просек. Идејата е зошто да не се отворат одредени делови од овој голем единствен пазар за вашата земја, делови што се интересни за вашата земја, зашто имате економски предности и дополнителни фондови би биле на располагање за олеснување на тој процес.
Целото интервју може да го прочитате ТУКА.