„Јас не сум преведувач по вокација и кога се сретнувам со преведувачи, одам чекор назад, затоа што ова ми е ангажман кој го правам со љубов. Благодарна сум му на мојот сопруг, Луан Старова, кој ме поттикна да преведувам кога ми рече ‘Ти со твоето право, во пензија нема да можеш да се бавиш’“, рече професорката во пензија и поранешна уставна судијка Гзиме Старова, која ја преведе книгата „Идис“ од Робер Бадентер. Некогашниот француски министер за правда кој ја укина гилотината во 1981, почина на 95 години на 9 февруари.
Во Францускиот институт во Скопје во четвртокот се одржа двојна промоција, на книгите „Идис“ во издание на „Или-Или“, и „Везење“ од Марџан Сатрапи, во издание на „Бункер“.
Во времето на распадот на Југославија, Бадентер беше претседател на арбитражна комисија во рамките на Мировната конференција за Југославија во 1991, која стана позната како Бадентерова комисија. Таа оцени кои републики можат да бидат меѓународно признати, при што рече дека во тој момент тоа можат да бидат само Словенија и Македонија, но Македонија тогаш не поднесе барање за членство во ОН, а во 1992 со Лисабонската декларација на ЕЗ беше блокирана од Грција. Бадентер стана дел од секојдневниот политички живот во Македонија и со таканареченото Бадентерово мнозинство, кое почна да се применува по воениот конфликт во 2001 и предвидува вклучување на малцинските етнички заедници во носењето важни одлуки.
Професорката Старова, во емотивната вечер со голема љубов и сеќавања говореше за Франција, за пријателството со Бадентер, за книгите, за преводите, за својот сопруг, академик, писател и дипломат Луан Старова, кој почина во 2022 година. Таа кажа дека Францускиот институт им бил најчесто свратилиште со сопругот, но и место каде се иницирале и одржале многу активности поврзани со нив двајца.
„После скоро 3 години, ова е мое прво навраќање во Институтот и ми е драго што гледам толку многу познаници, толку многу драги лица пријатели кои негувајќи го пријателството со Луан, како да го продолжуваат тоа сега и со мене“, кажа Старова и додаде: „Оваа промоција ја доживувам двојно, најнапред како еден омаж на господинот Бадентер кој беше легенда, во секој поглед. Ја имав таа чест и задоволство покрај мојот сопруг и да го запознаам лично, имам толку спомени, толку контакти со Бадентер, така што вечерашнава промоција ја доживувам и како една ‘средба’ со него. Тој знаеше дека јас ќе ја преведувам книгата, беа во преписка со Луан, беше пресреќен и мислам дека оваа книга за Бадентер имаше посебно значење“.