Гејтс: Короната ја гледам како личен непријател!

Бил Гејтс – основачот на „Мајкрософт“ вели дека коронавирусот го смета за личен непријател и дека некои земји биле себични кога станува збор за дистрибуција на вакцини.

„Се ќе беше полесно доколку споделивме знаење и си помагавме, но имаше поголеми поделби отколку што очекував. Тоа е човечка природа. Пандемиите го откриваат најдоброто и најлошото кај луѓето. Некои поединци и земји сметаа дека имаат право прво да се вакцинираат. Во развиените земји ги вакцинираме младите и децата, додека постарите Африканци и Латиноамериканци се уште не се вакцинираат“ – вели тој.

Гејтс тврди дека поминал часови и часови проучувајќи го коронавирусот, но дека светот не бил подготвен да се соочи со овој непријател.

„Неколку генерации минуваат низ настани кои предизвикуваат загуби од милијарди долари и десетици милиони смртни случаи. Ниту еден земјотрес или пожар не предизвика толкава штета. Сепак, бевме поподготвени да се справиме со земјотреси и пожари. Секоја година трошиме милијарди за одбрана, а речиси ништо за заштита од пандемии“ – смета милијардерот кој често е мета на антиваксерите.

За него, ваквите тврдења се налудничави.

„Фактот што ве етикетираат како некој што игра злобна улога во оваа пандемија е зачудувачки. Факт е дека работам во светот на вакцините и имам многу пари. Но, идејата да сакам да ги контролирам човечките тела е лудо“ – смета Бил Гејтс.