Германски медиуми: На Ѓукановиќ не му се пишува добро, пораз го носи во затвор

Ако Мило Ѓукановиќ загуби на претседателските избори, ќе го загуби и имунитетот, што ќе овозможи истраги за неговиот валкан бизнис и корупција!

Ова е заедничката оценка на берлинскиот печат, кој детално ги анализираше резултатите од првиот круг од изборите за претседател на Црна Гора, во кој нејзиниот актуелен лидер Мило Ѓукановиќ не успеа да победи и кој со 57.000 гласови помалку од 2018 година оди до вториот круг од изборите, каде што го чека Јаков Милатовиќ, претседателски кандидат на Движењето Европа сега.

Берлинските весници „Tagesspiegel“, „Berliner Zeitung“, „Noyes Deutschland“ и „Tagescheitung“ се согласуваат дека Ѓукановиќ е одговорен за независна Црна Гора, но и за корупцијата по која е позната земјата.

– Црна Гора е пред пресврт, Ѓукановиќ се соочува со непријатни времиња: ако тој претприемнички „цар“ го загуби имунитетот, би можел да се соочи со нови судски истраги за злоупотреба на власта и корупција – пишува „Tagescheitung“, која најавата на Ѓукановиќ дека ќе победи во вториот круг не го гледа како убедлив.

– Опуштените победници изгледаат поинаку – истакнува „Tagescheitung“ и додава дека Мило Ѓукановиќ имал „кисела насмевка“ на изборната ноќ.

„Noyes Deutschland“ нагласува дека западните земји знаеле за корупциските афери на црногорскиот претседател, но замижувале пред нив.

– Ѓукановиќ долго време важеше за гарант на патот кон Запад, поради што се толерираше неговиот ангажман во државната каса. Од друга страна, Јаков Милатовиќ ја критикува распространетата корупција на Демократската партија на социјалистите и ја претставува како блокада на европскиот пат. Милатовиќ би бил подеднакво добредојден и во Брисел, Берлин и Вашингтон – оценува „Noyes Deutschland“.

Црногорската новинарка Мила Радуловиќ, коментирајќи ги предвидувањата за неповолни резултати за Мило Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори, вели дека лидерот на ДПС е премногу долго на власт за да се предаде толку лесно.

– Ѓукановиќ се уште има огромна поддршка, тој е некој кој добро го научил својот занает и не би го потценил така лесно. Верувам дека ДПС ќе вложи максимални напори да ги донесе граѓаните на гласање, мислам, пред се, Бошњаците и Албанците. Исто така, со помош на некои бизнисмени ќе се обиде да донесе што повеќе гласачи од дијаспората. Велат дека веќе има планирани летови, но засега немаме точни податоци – изјави Радуловиќ за „Вијести“.