Германските енергетски компании „Унипер“ и „РВЕ“ го платиле рускиот гас во рубљи, односно во согласност со новата шема предложена од Москва, за да се обезбеди континуирано снабдување со тој енергенс, кој е клучен за најголемата европска економија.
Руската платежна шема, која вклучува отворање на две сметки, едната за плаќања во странска валута, а другата за претворање во фондови во рубља, направи раздор во одговорот на Европа кон Русија поради нејзиниот напад врз Украина, при што некои земји одбиваат да платат во рубљи, а други бараат начин да го прифатат новиот систем на плаќање.
„Како и другите германски и европски компании, „Унипер“ го промени начинот на плаќање за испорака на гас од Русија. „Унипер“ плаќа во евра, во согласност со новиот механизам за плаќање“, се вели во соопштението на компанијата.
Се додава дека првата исплата според новиот механизам била извршена на крајот на мај.
Портпаролот на РВЕ потврди и дека еврата се претворени на руска сметка, односно на сметка отворена кај руската Газпромбанк, која е овластена за тие плаќања.
Германија е силно зависна од рускиот гас, кој сочинуваше повеќе од половина од вкупниот увоз на гас минатата година.