„Германија до средината на февруари би можела да брои по стотици илјади нови инфекции на коронавирус дневно“. Ова е предупредувањето кое денеска го испрати германскиот министер за здравство – Карл Лаутербах. Тој изјави дека прогнозата е темелена на реалистични сценарија.
„Би можеле да претпоставиме дека бранот ќе го има пикот кон средината на февруари и дека ние тогаш мораме да очекуваме неколку стотици илјади случаи дневно“ – тврди Лаутербах.
Според него, има земји чии болници може да се справат со тие бројки на заболени, но во Германија ситуацијата е поинаква.
„Бидејќи имаме голем број на невакцинирани постари лица во Германија, исходот би можел да биде сосема поинаков од тој во Италија, Франција или во Англија, на пример“ – посочи Лаутербах.
Тој смета дека бранот што во моментов се одвива во Англија и во Франција, допрва ќе ја погоди Германија.
„Очекувам вистинскиот товар на единиците за интензива нега да дојде кон средината, крајот на февруари. Тоа ќе биде стрес тест, а не она што го гледаме сега“ – рече Лаутербах.