Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик

Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик, се вели во резолуцијата предложена од парламентарните групи на трите владејачки партии СПД, Зелените и ФДП, пренесе СДК.

Резолуцијата содржи и препораки за германската влада, меѓу кои е и препораката да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од дополнителни услови.

Во предложената резолуција, германскиот Бундестаг го истакнува значењето на 2023 година за европската иднина на Северна Македонија и го нагласува ангажирањето на Германија во поддршка на патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.

Се вели и дека Северна Македонија и Германија развиле силни и разновидни врски во текот на последните три децении во области како бизнис, култура, наука и граѓанско општество, а со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор со Грција во 2018 година се демонстрираше ангажирањето на Северна Македонија кон регионална соработка и интеграција. Приклучувањето на НАТО во 2020 година дополнително ги потврди евроатлантските стремежи на Северна Македонија.

Германскиот Бундестаг го признава значењето на приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ, не само за самата држава, туку и за симболичното влијание врз целиот регион.

Бундестагот ги признава македонските култура, идентитет и јазик, и ги смета различните јазици за интегрален дел од културното наследство на ЕУ.

За резолуцијата, насловена „Активна поддршка за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“ ќе се расправа вечерва во германскиот Бундестаг.

Бугарскиот парламент во октомври 2019 година усвои декларација за преговори на ЕУ со Македонија, во која, меѓу другото, се бара никаде да не се споменува „македонски јазик“, туку „официјален јазик на Северна Македонија“.

Дополнително, во јули 2022 година, Бугарија испрати унилатерална изјава до земјите членки на ЕУ дека македонски јазик не постои, туку станува збор за дијалект на бугарскиот јазик.