Локалните совети во Германија ја повикуваат владата да обезбеди повеќе пари за заштита на цивилите во случај на војна, вклучително и за повеќе бункери. Здружението на градови и општини реагира откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека земјата мора да обезбеди поголема заштита на своето цивилно население.
„Германија мора да изгради повеќе бункери. Од 2.000 јавни засолништа кои ги имаше на крајот на Студената војна, постојат само уште 600, во кои можат да се сместат околу 500.000 луѓе. Постои итна потреба да се вратат во функција деактивираните бункери, а треба да се изградат и нови, модерни засолништа. Во урбаните центри можат да се користат и подземни паркиралишта и тунели на подземна железница. Треба да се постават и дополнителни сирени, не треба да се потпираме само на апликациите за мобилни телефони“, изјави претседателот на Здружението, Андре Бергхегер.
Тој побара во наредните десет години да се вложуваат милијарда евра годишно во заштита на цивилното население, сметајќи дека тоа би бил само почеток.
Писториус, кој беше во посета на Финска, ги пофали објектите за заштита на цивилите во оваа земја.
Германија никогаш немала доволно бункери за сите нејзини жители и по завршувањето на Студената војна ги продаде постојните државни засолништа или дозволи некои од нив да се распаднат.